1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Збогум за мирот во Колумбија

Астрид Пранге
4 октомври 2016

Неверојатно но вистинито: мнозинството во Колумбија го отфрли мировниот договор со ФАРК. Тоа е трагична одлука затоа што шансата за мир нема да се повтори, смета Астрид Пранге

https://p.dw.com/p/2Qqps
Kolumbien Trauer und Bestürzung bei Befürwortern des Friedenabkommens
Фотографија: picture alliance/dpa/L. Muñoz

Шок. Колумбијците се исплашија од својата храброст. Противниците на мировниот договор на референдумот во неделата победија со тесно мнозинство. Сонот за мир се распрсна како меур од сапуница. Пред само една недела, претседателот на Колумбија Хуан Мануел Сантос и претставниците на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК) потпишаа мировен договор во присуство на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун. Се преговараше четири години, патот до мирот беше изготвен до последен детаљ на 297 страници. По 52 години граѓанска војна требаше да се удрат темелите на мирот.

И што сега? Ќе поднесе ли оставка претседателот Сантос? Дали герилците повторно ќе го земат оружјето? Или ќе ги вдомат нарко-картелите? Продолжува ли војната без крај? Или повторно ќе се преговара?

Трагедија без најава

Она што е сигурно е дека темелно подготвениот договор сега е безвреден. Исходот на референдумот е болен пораз за сите кои се надеваа на мир. Тоа е шамар за жртвите, оние кои беа подготвени да простат, на борците на ФАРК кои сакаа да го положат оружјето. Кажаното „Не“ од граѓаните на Колумбија е трагедија. Одмаздата повторно е посилна од простувањето, омразата го победува помирувањето, војната е посилна од мирот. Целиот свет чекаше на знак дека насилството и уништувањето можат да престанат, дека борбата за мир се исплатува.

Prange de Oliveira Astrid Kommentarbild App
Астрид Пранге

Мирот во Колумбија беше на дофат: ФАРК се согласи да ѝ го предаде оружјето на колумбиската армија, на својот полувековен смртен непријател. Герилците за момент го одложија својот сон за комунистичка револуција, се предадоа за демократски да се борат за својата политичка цел. Се согласија да помогнат во разјаснувањето на воените злосторства и ги замолија своите жртви за простување.

Неподнослива аргументација

Тоа не беше доволно за противниците на мировниот договор собрани околу поранешниот претседател Алваро Урибе. Тие сакаат сите герилци да бидат ставени во пранги. Не можеа да замислат во иднина во пратеничките клупи да седат покрај поранешните бунтовници. Не можеа да проголтаат дел од договорот, според кој, затворските казни за припадниците на ФАРК се предвидени само доколку не признаат или предоцна признаат злосторства.

Колумбија меѓу славје и солзи

А всушност, аргументацијата на овој табор беше неподнослива. Не, Колумбија немаше да изгуби во борбата против ФАРК доколку прифатеше мировен договор. Не, Колумбија немаше да стане комунистичка и социјалистичка, ниту ќе беше национализиран имотот на големите земјопоседници. Не, немаше сите бивши герилци да бидат амнестирани, а нивните жртви да останат без сатисфакција.

Неподнослив е фактот дека мнозинството колумбиски гласачи „паднаа“ на ова ширење паника. Втори октомври ќе остане запишан како еден од најтажните датуми во Колумбија. Ништо не помага тоа што претседателот Сантос и ФАРК се обидуваат да ги разубават нештата и да ја ограничат штетата. Војната продолжува. Зад неа остануваат мртвите и сѐ помалку спремните за мир.