1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русеф мора да си оди – и потоа?

Францис Франка/превод:З.Јордановски 13 мај 2016

Бразилскиот сенат привремено ја суспендира Дилма Русеф од претседателската функција. Кога ќе помине еуфоријата Бразилците ќе согледаат дека кризата продолжува, смета Франка Францис.

https://p.dw.com/p/1InFb
Фотографија: Reuters/U. Marcelino

Дилма Русеф веќе не е претседател на Бразил. Најмалку 100 милиони Бразилци го слават првиот чекор за постапка на разрешување од функцијата. Многумина го чекаа овој момент откако Русеф на 1. јануари 2015 го започна својот втор претседателски мандат. Решението на сенатот за суспензија на Русеф претставува победа за 61 процент од Бразилците, кои според анкетите пледираа за таква постапка.

Но, кога таа еуфорија ќе помине, ќе настапи отрезнување со тежок мамурлак. Бразилците ќе почувствуваат дека и натаму се наоѓаат среде економска криза, со двоцифрени стапки на невработеност и на инфлација. Тие ќе мораат да си признаат дека на нивната земја ѝ е итно потребна реформа на политичкиот, фискалниот и на системот за социјално осигурување. И секако повторно ќе се сетат дека за сите тие реформи треба да реши Конгресот во кој 60 проценти од членовите си имаат работа со судот, многумина од нив поради сомненија за корупција.

Franca Tiebot Francis Kommentarbild App
Франка Францис

Непопуларен преоден претседател

Управувањето со земјата веднаш го презема досегашниот потпретседател Мичел Темер, кој во анкетите проаѓа речиси исто толку лошо, колку и Дилма Русеф. Покрај својата непопуларност, тој мора да се бори со уште еден проблем – опозицијата од Работничката партија ПТ, партијата на Русеф. Таа е трета по големина фракција во парламентот, втора во сенатот и ја става под прашање легитимноста на новата влада. ПТ ќе стори се` за да го блокира курсот на Темер. Во таа смисла, значи, ништо ново во бразилската политика.

Темер сега има време помеѓу 6 месеци и двеипол години, во зависност од должината на траењето на постапката против Русеф. Време за владеење. Тој не сака да се кандидира за изборите во 2018. Година. А дури и кога би сакал, не смее, оти поради нерегуларна кампања за донации при последните избори му е забрането 8 години да врши политички функции. Сега можеше да ја преземе претседателската функција само поради тоа што во моментот на изрекувањето на казната веќе беше потпретседател. Инаку, според анкетите, за него би гласале само два процента од избирачите.

Така, значи, на денешниов петок 13. на власт доаѓа политичар со мала популарност и ограничен мандат. Негова единствена шанса од оваа криза да излезе како државник е со сета сила во Конгресот да се бори за единство и реформи. Неговата партија, деснолибералната ПМДБ, во обата дома на парламентот има мнозинство на пратеници и сенатори. Тој значи сепак има шанса да испише историја и истовремено да ѝ одржи лекција на Работничката партија. Таа владееше 13 години без да го реформира политичкиот систем, кого со толку задоволство го критикуваше додека беше во опозиција.

Крај на политичката парализа

Но, Темер засега не најави никакви конкетни чекори, туку воопштено зборуваше за либерален пресврт во економската политика со приватизации, со горна граница за државните расходи и со преиспитување на социјалните програми. Темер вети и натамошна поддршка за истрагата во корупцискиот скандал со Петробрас (бразилски петрохемиски концерн – н.з.), за да го ублажи притисокот од критичарите.

При сета скепса, има и две добри вести по суспендирањето на претседателката Дилма Русеф: прво, ѝ дојде крај на целосната политичка парализа на Бразил, и второ, им дојде крај на бесконечните гласања за отповик од претседателската функција. Барем до пресудата.