1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Граѓаните се одлучија за европска Македонија

БГ
30 септември 2018

Македонскиот премиер Зоран Заев на втората вечерашна прес-конференција уште еднаш порача дека ќе оди до крај во спроведувањето на Договорот од Преспа. Тој нема намера да поднесе оставка

https://p.dw.com/p/35lBF
Marsch für ein europäisches Mazedonien in Skopje Ministerpräsident Zoran Zaev
Фотографија: Koalition für ein europäisches Mazedonien

Заев во повеќе наврати вечерва ја повтори оценката дека референдумот бил успешен и дека нема намера да се откаже од спроведувањето на Договорот од Преспа. Притоа ја отфрли и можноста да поднесе оставка на функцијата.

„Не само што немам намера да поднесам оставка, туку имам одговорност да продолжам да ја водам државата“. 
Македонскиот премиер смета дека поддршката од повеќе од 650 илјади граѓани, односно околу 90 проценти од оние кои го дадоа својот глас на референдумот, е јасен сигнал дека граѓаните одлучиле позитивно.

„Европска Македонија доби повеќе гласови од кој било победник на кои било парламентарни избори во историјата на независна Македонија. Дури и ако имаше цензус и ако имаше 1,1 милиони гласачи, овој резултат ќе значеше јасна одлука и определба за европска Македонија“, рече Заев.

Тој им изрази благодарност на членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои и покрај бојкотот „презедоа одговорност за својата татковина“.

„Сега кога имаме мнозински изразена волја „За“, време е пратениците во Собранието да го следат гласот на мнозинството за членство во НАТО и ЕУ. Сите политички партии да му се приклучат на процесот и да работат на заедничката цел“.
Во спротивно, според премиерот, „единствена друга демократска алатка се предвремени парламентарни избори веднаш“. Според Заев, тие не се најпосакувана, „туку неопходна опција доколку тоа биде потребно“.

„Подобар договор со Грција нема и не може да има. Алтернатива за членство во ЕУ и НАТО нема и нема да има“, рече Заев.
Роковите се куси, и доколку владата не успее во следните денови да обезбеди дво-третинско мнозинство за уставни промени, „веднаш ќе се преземат чекори за да се фатат роковите“.
Како прв можен датум за предвремени парламентарни избори, Заев го спомена 25 ноември.

Честитка од Хан и Ципрас

Првата честитка вечерва пристигна од комесарот на ЕУ за проширување, Јоханес Хан

„Им честитам на оние граѓани кои гласаа на консултативниот референдум и ја искористија нивната демократска слобода. Со голем број на „за“ гласовите, постои широка поддршка за Договорот од Преспа“, изјави Хан.

Тој порача дека очекува „сите политички лидери да ја почитуваат оваа одлука и да постапат со најголема одговорност и единство независно од партиските линии, во интерес на земјата“.

Честитка до македонскиот премиер стигнала и од неговиот грчки колега Алексис Ципрас. Ципрас му честитал на Заев за „решителноста во реализацијата на Преспанскиот договор“.

Претходно, грчкото МНР соопшти дека „останува посветено на Преспанскиот договор“.
„Резултатот од референдумот во поранешната југословенска Република Македонија, кој е советодавен, а не дел од обврзувачките услови од Преспанскиот договор, е контрадикторен. Тој покажува голема надмоќ на одговорот “За”, но без соодветно учество. Голем дел од општеството на соседната земја го поддржа договорот. Сепак, значителен дел од него изрази скептицизам. Грција ги почитува изборите на граѓаните на поранешната југословенска Република Македонија,“ соопшти грчкото МНР.
Официјална Атина смета дека „климата на национализам и сомневања, секојдневните лажни вести и екстремен фанатизам“, не дозволиле „трезвена проценка на големите придобивки од договорот и го спречуваат неопходното меѓусебно разбирање на народите и развојот на нивната соработка“. Оттаму додаваат дека сметаат оти „позитивниот потенцијал на Преспанскиот договор може да се зачува“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема