1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев:Спорот со Софија да се реши билатерално

ДТЗ
28 мај 2021

Со новиот бугарски премиер биле договорени конкретни чекори, но ќе се почека најпрво претседателите Румен Радев и Стево Пендаровски да се вратат од заедничкото патување.

https://p.dw.com/p/3u7Se
Nordmazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Government North Macedonia

„Европа е кабаетлија, ни должи многу“ - порача премиерот Зоран Заев откако деновиве во фокусот повторно се најдоа македонско-бугарските односи и обидите за надминување на спорот, откако португалскиот предлог се најде на масата и во Скопје и во Софија. 
„Европа е Бугарија и Грција и сите други земји членки на ЕУ. 16,5 години чекаме пред вратите на ЕУ. Во 2001 година, веднаш по Словенија, потпишавме договор за асоцијација и стабилизација, пред Хрватска, а Хрватска еве слави 8 години од членството во ЕУ. Што е многу – многу е. Испорачавме сѐ, нема дилеми ни дома ни надвор - и за делот на реформите, европските манири и за дипломатскиот начин на дијалог и решавање на проблемите. Докажавме и одржавме лекции за целиот европски континент и навистина заслужуваме“, вели Заев. Тој побара поддршка од Бугарија кон Северна Македонија „зашто лесно е да се создадат непријатни состојби, но не е така лесно да се градат пријателства“.

-повеќе на темата: Радев кани на двостран дијалог во Софија без посредници

„Не велам дека историјата не е важна, таа доминантно ѝ припаѓа на историчарите, но историјата што денеска ја пишуваме и им ја оставаме во наследно на младите е најважна на свет затоа што таа ја отвора иднината на идните генерации“, порача денеска премиерот.

„Многу пријатен“ разговор

Еден ден по пораките коишто ги испрати  бугарскиот претседател Румен Радев од Рим, кој ги покани македонските власти на двостран дијалог во Софија, без посредници, и премиерот Зоран Заев размислува на слична линија. Тој вели дека секојпат се добредојдени пријатели што сакаат да помогнат, но станува збор за билатерален спор, кој билатерално треба и да се реши. 
Заев вели дека на вчерашниот „многу пријатен“ разговор со новиот бугарски премиер Стефан Јанев биле договорени конкретни чекори, но ќе се почека најпрво претседателите Румен Радев и Стево Пендаровски да се вратат од заедничкото патување во Рим и во Ватикан.

-повеќе на темата: Пендаровски од Рим порача дека е реалист и умерен оптимист за решавање на спорот со Бугарија

„Самиот разговор го потврди уште еднаш големото пријателство меѓу двете земји. Наша желба, а верувам и нивна аспирација во иднина ќе биде поддршката на целиот Западен Бала интеграцијата во ЕУ. Она што е значајно е да продолжиме да работиме на изнаоѓање на решенија“, изјави Заев.
Радев вчера порача дека не сака историчари од европските земји да се вклучат како посредници во спорот помеѓу Скопје и Софија . Ова е една од идеите којашто се најде во најновиот португарски предлог за надминување на спорот меѓу двете земји, со цел да се облокираат европските интеграции на земјата.