1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев и Албанците: Љуби ме дури можеш

Гордан Георгиев
27 ноември 2018

Единствен пат на општество за сите, во кое СДСМ може да претендира да ги задржи албанските гласови а да не ги губи македонските, е бескомпромисна борба против корупција и криминал, брз влез во НАТО и ЕУ-реформски курс

https://p.dw.com/p/38yAd
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Ајде да видиме до каде сме со македонско-албанските односи, таа река понорница на македонското политичко милје која се појавува баш кога мислиме дека ни е најубаво. На четири месеци пред претседателските избори, „албанскиот фактор“ традиционално е главната мирудија без која не се може и вреди да се направи една широка панорамска слика на состојбата.

Најнапред околу фактите. Факт е дека многу наши сограѓани, етнички Албанци, гласаа за Заев и СДСМ и се’ уште даваат речиси безусловна поддршка на сегашнава власт (анкета Телма/МЦМС). Факт е дека ВМРО-ДПМНЕ и Индијанците (пардон, Албанците) уште долго време, барем два изборни циклуса, нема да можат да ги закопаат борбените секири, што ја остава опозицијата на бришан простор и можеби инстинктивно одење во десно. Факт е дека Законот за јазици (иако се’ уште е недоносенче) не го чинеше Заев политички, ни за време на локалните избори ниту денес. Дури и флертот и дилот со ДУИ за време на локалните избори, кратката и бурна а несреќна романса со Села, па и „невидливата“ амнестија за бомбите во кои се тангирани функционери на ДУИ не беше доволна причина за Албанците да му свртат грб на Заев. Големиот крик на А.Ахмети во пресрет на формирањето коалиција со СДСМ („хелоу Зоки како си, да ти кажам фалимендерит, што си ме штедел у бомби, во бомбите ти“) веќе избледнува во контекст на хаосот во македонскиот кампус.

Долгорочна љубов, без прељуби

Љуби ме дури можеш, тоа е врската помеѓу Заев и Албанците. А Заев знае да љуби, долго и на сите страни, се’ дури не се прељуби. Дури и ако концептот „едно општество за сите“ не бил предизборна флоскула, треба да знаеме дека општеството е речиси секогаш претесно за сите, особено кога ресурсите се крајно ограничени а регионалната центрифуга влече на различни страни. Така, долгорочна љубов, без прељуби, не е можна без едно реално „едно општество за сите“, бидејќи опозиционите албански партии на Зијадин Села, БЕСА 1 и БЕСА 2, па дури и ДУИ (која би можела да остане без традиционалната националистичка муниција) ќе влечат кон националното во природна потрага по глас повеќе. Единствениот можен пат на едното општество за сите, во кое СДСМ може да претендира да ги задржи албанските гласови а да не ги губи македонските, е бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, брз влез во НАТО и вистински реформски курс на некаков (макар имагинарен) пат кон ЕУ. Но таа борба не е можна без борба против корупцијата во редовите на ДУИ. Ќе биде ли тоа јудиниот бакнеж на Заев кон елиминација на ДУИ и стекнување на уште поголем фонд на „албански“ гласови?!? Кој пат попрво ќе биде изоден? На оваа вододелница ќе се прекршува иднината и на Заев и на едното општество за сите.

Marsch für ein europäisches Mazedonien in Skopje Ministerpräsident Zoran Zaev
Дали албанските гласови за Заев се етнички или граѓански? Фотографија: Koalition für ein europäisches Mazedonien

Денес, како и вчера, албанскиот политички корпус не е доволно издиференциран во политичка смисла (власт/опозиција). Додека Македонците се мразат меѓусебно, албанските политичари постојано и речиси ексклузивно се бават со етнички прашања. Ние Македонците не би требало премногу да им замеруваме на политичките претставници на Албанците за тоа. Ние отпосле, за жал и со жртви, ја сфаќавме очигледната дискриминација која постоела во минатото кон луѓето кои по игра на судбината, како и ние самите, се родиле баш тука. Сега, кога главниот носител на национализмот кај македонските Албанци (ДУИ) и нивниот прв бајрактар „и во војна и на свадба“ Али Ахмети, по сопствено признание ја исцрпи својата (етничка) агенда, треба да видиме како во иднина ќе се постават контурите на поведението на главната албанска политичка партија, а соодветно на тоа и албанските опозициски терцирања.

Заговор против јавноста

Подобро е Груевски да заминал

Заев миропомазаник?

Граѓански концепт - преуранета најава?

Од друга страна, врзивното ткиво помеѓу СДСМ и албанскиот гласач се’ уште е речиси непостоечко, освен ако го разбереме Заев како некаква нова и чудна етничка испостава на Албанците и симбол на падот на ним омразениот Груевски. Отаде оваа анти-ВМРО и про-НАТО коалиција не постои привлечен и долгорочен наратив. Сакаме ли воопшто граѓански концепт ако не сме подготвени за тоа? Како што ни беше кажано, граѓанскиот концепт во Македонија официјално стапи на сила од декември 2016-та година. Да, тоа делуваше како дијазепам по 10 години етнички неспокој, иако се чини дека најавата на овој граѓански концепт беше малку преуранета, ако не и измислена како предизборна парола и аритметички начин за добивање на десетици илјади албански гласови. Бидејќи поставеноста на политичките партии и карактерот на македонското општество не нуди брза пруга кон мултикултурализмот. Исто така, перверзно пренагласен беше повикот на неколкумина македонски и албански интелектуалци дека со минатите избори (2016) и со самиот пад на Груевски Македонија доби граѓански концепт. Тоа едноставно не е така и тоа се гледа најмалку во две точки: токму Законот за употреба на јазиците и решавањето на спорот со името. И двете прашања се решаваа(т) на мускули, и за двете прашања клучен е етничкиот а не граѓанскиот ракурс. Грубо кажано, Албанците велат закон за јазици и промена на името сега и веднаш, а мнозинството Македонци велат не не’ терајте со сила и прекутрупа. Сепак, ненајавениот неуспех на граѓанскиот концепт не треба да не’ разочарува, безбели тоа не е единствената сламка за спас на оваа држава.

Оттука прашањето е логично: Дали албанските гласови за Заев се етнички или граѓански? Дали тие го поддржуват Заев затоа што им нуди граѓански концепт или пак затоа што им нуди етничка платформа. Дали кога Заев нема веќе да биде во СДСМ (на пример ако оди за претседател, и однапред се извинувам на сите потенцијални кандидати што ја спомнав оваа еретичка идеја) ќе опстане идејата за едно општество за сите? Колку ќе го чини Заев етничката албанска агенда, во смисла на македонски гласови? Што ќе значат овие потенцијални тектонски превирања на македонската политичка сцена. Овие прашања и дилеми се реални, и возбудливи, но за одговорите ќе треба да го почекаме исходот од претседателските избори и следните парламентарни избори.

Конечно, на овие претседателски избори ДУИ не е во позиција да бара консензуален претседател т.е. мирно ќе го прифати било кој „консензуален“ кандидат кој ќе го номинира СДСМ а ДУИ ќе го прогласи и за свој. Така ќе опстане и владината коалиција, се’ до моментот кога Заев ќе престане да ги љуби другите Албанци, а ќе ги сака само своите.