Завршната декларација на Г20 е договорена
1 декември 2018Последните несогласувања на преговарачите околу завршната декларација се надминати разно изутринава, соопшти неименуван висок претставник на ЕУ. Меѓутоа, сѐ уште нема конечна согласност од страна на шефовите на држави или влади на земјите кои ја сочинуваат Г20.
До крајот спорни беа важни точки, како трговијата, промените на климата и миграцијата. Меѓутоа, како што се вели, сега има согласност за сѐ.
ЕУ како најголем успех го смета тоа што шефовите на држави или влади на најважните индустриски земји и земји во забрзан подем ќе бидат обврзани да продолжат со реформи на Светската трговска организација, со цел да се овозможат заеднички правила на игра. Освен тоа, во завршната декларација би требало да се укаже дека на решенија на проблемите и натаму ќе се работи мултилатерално, што значи во голем круг земји. Со оглед на политичкиот курс на американскиот претседател Доналд Трамп, дипломатите ова го сметаат за успех.
Средба на Меркел и Путин
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Буенос Аирес ги остварува билатералните средби кои практично на дневен ред на Г20 стоеја вчера. Меркел стигна со задоцнување на самитот поради проблеми со владиниот авион. Таа денеска изутрина појадуваше со рускиот претседател Владимир Путин. Најавено беше дека во фокусот на средбата ќе биде ескалацијата на украинскиот конфликт по инцидентот со украинските бродови пред брегот на Крим. САД и Украина од германската канцеларка очекуваат зајакната улога на посредник. Американскиот претседател Доналд Трамп поради инцидентот во Азовското Море ја откажа средбата со рускиот претседател Владимир Путин.
По разговорите со Путин, Меркел на маргините на самитот на Г20 треба да разговара и со Трамп, како и со кинескиот претседател Ши Џинпинг. Освен тоа, денеска се планирани и билатерални средби со претседателот на Аргентина, Маурисио Макри, како и премиерот на Индија, Нарендра Моди.