1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилност

Жолт картон за еколошки совесната Германија

28 февруари 2018

Одлуката на Сојузниот управен суд дека при зголемено загадување на воздухот, автомобилите со дизел-мотори можат да бидат протерани од градските центри, е важна порака до политичарите и автоиндустријата, смета Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/2tRFk
Deutschland Symbolbild Stau
Фотографија: picture alliance/dpa/D. Naupold

Како беше некогаш? Ангела Меркел ја нарекуваа „климатска канцеларка“. Таа го помагаше развојот на меѓународната климатска политика, ги убедуваше во тоа одговорните во круговите на индустриските земји, групата 8, и подоцна Г7. Голем пресврт во енергетиката - тоа стана нејзин приоритет. Само што заборави на патот кон еколошка иднина да ја поведе и германската автомобилска индустрија.

А автомобилската индустрија тогаш си помогна самата себеси. И натаму произведуваше модели со моќни мотори, го преспа преминот кон електромобилност и се потпираше на дизел-мотори, зашто тие емитуваат помалку штетни гасови од бензинските. Но, и многу азотен оксид, чија вредност концерните се обидоа да ја лажираат.

Судот со јасна порака

Сојузниот управен суд во Лајпциг се стави на страната на тужителите и бранителите на заштитата на животната средина.  Ако веќе ништо не помага, ако дозволените вредности на азотен оксид и натаму се пречекорени, а сигурно ќе бидат во десетина германски градови, тогаш на автомобилите со дизел-мотор ќе мора да им биде забранет пристап во централните градски зони. Судот го спроведе она што политиката го преспа.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Сметката ќе ја платат возачите на дизел-возила

Сметката за тоа прво ќе им биде поднесена на доброверните возачи на автомобили со дизел-мотори, а и на многумина ситни претприемачи. Обидите на политиката и автомобилската индустрија проблемот да го решат со подобар софтвер во авомобилите, излезе млак. Ефикасна преправка би чинела неколку илјади евра по автомобил, а тоа автоиндустријата не сака да го плати. Односно, досега не сакаше. Забраната за возење тоа би можела да го промени. Политичарите кои не сакаат натамошно да ја лутат моќната стопанска гранка, моментно се трудат да го решат проблемот. Размислуваат за воведување бесплатен градски превоз, сакаат да ги опремат автобусите и државните возила со електрични мотори. Но, тие знаат дека само нови или преправени автомобили кои се чисти, можат да ја намалат емисијата на штетни гасови. Инаку ќе има забрана за возење, не веднаш, но на среден рок.

Повеќе на темата: 

Колку ќе поевтинат германските дизели?

Можен ли е бесплатен градски превоз во Германија?

Забрана за дизел-возила: Колку е виновна индустријата, толку и политиката

Чудни размислувања на политичарите

Повеќемина политичари укажаа дека забраната за возење ќе биде тешко спроведлива. Нема доволно полицајци. На крајот веројатно новите дизел-возила, кои ги исполнуваат строгите норми на ЕУ, ќе можат да добијат сопствена плакета и ќе смеат да возат насекаде. А постарите автомобили - само ако бидат преправени. Но, за такво решение моментно нема мнозинство во Бундестагот. Владите на сојузните покраини со право сметаат дека сојузната влада ги остави на цедило. 

Автомобилска Германија се менува

Кога станува збор за ЕУ, интересно е што германската влада во Брисел не успеа да наметне свој став за нешто што се однесува на автоиндустријата. Но, работите не изгледаат толку лошо. Германија ја погреба атомската енергија и низ целата земја постави илјадници електрани на ветар и сонце. Сега земјата на автопатиштата на кои нема генерално ограничување на брзината и автомобилите како важен статусен симбол, ќе добие и нов вид мобилност. Со притисок на Брисел и на германските судови. 

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид