1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрана за пластичните кеси од 1 декември

ДТЗ
4 октомври 2021

Од декември дозволена ќе биде само продажба на биоразградливи кеси кои ќе бидат екстра лесни и за кои ќе се плаќа надоместок од 15 денари, кој во поголем дел ќе оди во Фонд за заштита на животната средина.

https://p.dw.com/p/41EFv
Deutschland Symbolbild Plastiktüte
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow

Заборавете на пазарување со пластични кеси од 1 декември. Еден месец пред крајот на годинава стартува забраната за употреба на пластични кеси во трговијата и на пластични амбалажи во угостителските објекти во подрачјата заштитени со закон. Владата најави нови закони од областа на управување со отпад, коишто денеска ги презентираа премиерот, Зоран Заев и министерот за животна средина, Насер Нуредини. 

Според премиерот, со новата регулатива се создава функционален систем за управување со отпад, во чија подготовката учествувале меѓународни и локални експерти. „На овој начин се европеизира нашата регулатива за управување со отпад. Северна Македонија веќе го чекори патот кон поодржлив пристап во оваа област и се имплементира Националниот план за управување со отпад 2021-2031 година“, вели Заев. 

Нова регулатива 

Новата регулатива ќе придонесе за економски развој, за подобра животна средина и за поголема здравствена заштита на населението. Со неа се регулираат начините на транспорт, собирање, третман, рециклирање на отпад и се отвора простор за конечно расчистување со нелегалното собирање отпад кој создава диви депонии. 

Нуредини рече дека со донесувањето на новите закони се овозможува премин кон циркуларна економија, како еден од стандардите на европската економија, а во насока на намалување на негативните ефекти на животната средина. 

Одмор без пластика

Од декември дозволена ќе биде само продажба на биоразградливи кеси кои ќе бидат екстра лесни и за кои ќе се плаќа надоместок од 15 денари, кој во поголем дел ќе оди во Фонд за заштита на животната средина. Од 1 декември се забранува и еднократна употреба на пластични пакувања од угостителски објекти, за почеток, во заштитените подрачја. 

Европски искуства 

Ваквата мерка доаѓа откако на 3 јули стартуваше забрана за продажба на 10 видови производи од еднократна пластика во Европската Унија. Со забраната беа опфатени пластичниот прибор за јадење, пластичните чинии, садовите за храна и пијалоци направени од стиропор, лажичињата за кафе од пластика, чепкалките за уши од пластика, сите производи изработени од оксоразградлива пластика. 

-повеќе на темата: Канада најави забрана за пластични производи за еднократна употреба

Австрија во 2020 година ја забрани употребата на еднократни пластични кеси, а иста мерка донесе и германскиот Бундестаг кој изгласа закон за забрана на пластични кеси на мало, со тоа што тенки пластични кеси за пакување овошје и зеленчук сепак да бидат дозволени. Забраната се однесува на пластични кеси со дебелина од 15 до 50 микрометри, кои се стандардни во малопродажбатата. Ваквите мерки ги следеа и други земји.

Од Иницијативата за забрана на пластични кеси неодамна го изнесоа својот став дека цената од 15 денари ќе ги демотивира потрошувачите непотребно да купуваат кеси за еднократна употреба, преориентирајќи се кон користење на други алтернативи.