1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Atomtest Nordkorea

25 мај 2009

Во Северна Кореја денеска се тресеше земјата. Но, овој земјотрес не беше природна катастрофа. Тоа беа потреси од подземен атомски тест. Мора ли светот да се навикне на една нуклеарно вооружена Северна Кореја?

https://p.dw.com/p/Hx3s
Протести против атомската проба на Северна КорејаФотографија: DPA

Пјонгјанг се движи на остар курс на конфронтација. Тој започна со тестот на проектил со голем дострел на почетокот на април, официјално објаснет како лансирање на комуникациски сателит. Кога Советот за безбедност на ОН на тоа реагираше со критика, како одговор од Пјонгјанг дојде рој од закани. Северна Кореја тогаш велеше дека никогаш нема да се откаже од атомското оружје. Сега Пјонгјанг јасно покажа колку била сериозна неговата закана и колку малку му значи мислењето на меѓународната заедница. Дури и последниот сојузник на Северна Кореја, Кина е непристојно третирана со најновиот тест на атомска бомба.

Ким Јонг Ил си ја зајакна позицијата

Ако се точно податоците на руските научици, денеска тестираната бомба има експлозивна моќ речиси како онаа во Хирошима на крајот на Втората Светска Војна. Тоа значи дека таа би била значително посилна, отколку бомбата што беше тестирана во 2006 година, и кај која се’ уште постоеја технички проблеми. Севернокорејскиот диктатор, Ким Јонг Ил, со денешниот тест си ја зајакна својата позиција. Во последно време имаше мноштво гласини за наводни здравствени проблеми на „љубениот водач“. Ким е упатен на благонаклонетоста на Армијата, ако сака во негов стил да го реши прашањето за негов наследник. Еден од неговите тројца синови би требало натаму да ја води комунистичката династија.

Nordkorea Kim Jong Il mit Flagge
Ким Јонг ИлФотографија: AP Graphics

Со нуклеарниот тест, Ким повторно ја исфрли неговата економски пропадната земја на агендата на меѓународната заедница. Советот за Безбедност за ОН одново ќе се состане. Сепак реакцијата од Њујорк нема да биде премогу остра. За тоа ќе се погрижи сојузникот на Пјонгјанг, Пекинг, зашто Кина сака да ги одржи во живот шест-партитните преговори околу севернокорејската нуклеарна програма. Пекинг е заинтересиран за стабилна Северна Кореја, како заштитна зона пред американските трупи во Јужна Кореја. Кина во никој случај не посакува имплозија на режимот во Пјонгјанг, со бранови на бегалци кои не можат да се контролираат и со американски трупи на нејзината граница.

Тежок пораз за визиите на Обама

Се поставува прашањето, што донесоа долгогодишните преговори за спорната атомска програма. Конечно тие и дадоа време на Северна Кореја да го развие својот атомски потенцијал. И покрај разговорите, Северна Кореја соработувала со Сирија и со Иран околу нуклеарните прашања. Долго време постоеше надеж дека Северна Кореја го користи своето атомско оружје само како преговарачки инструмент и оти би се откажала од него за определени отстапки. Но, севернокорејските генерали повеќе нема да сакаат да ја испуштат од раце нивната омилена играчка. Сепак: за разговорите нема алтернатива, сеедно дали тоа му се допаѓа некому или не. Имено, на Северна Кореја не може од раце да и` се избие атомското оружје. Сега мора да се спречи, Пјонгјанг да го продаде некому. На почетокот на април во Прага, американскиот претседател Барак Обама говореше за свет без атомско оружје. Во Северна Кореја оваа визија доживеа тежок пораз.


Автор на коментарот: Матиас фон Хајн

Превод: Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска