Животински маки со горештините
Летото, сонцето и горештините им создаваат проблеми на луѓето. Потењето, односно транспирацијата преку кожата, заштитува од прегревање. Како животните се снаоѓаат во жега?
Отпорна на горештина
Едногрбната камила како пустинско животно може да се прилагоди на екстремно високи температури. Дури и на температура од 50 степени Целзиусови без вода може да издржи две недели, а потоа наеднаш во себе да внесе 135 литри вода. Овие камили поднесуваат дури и солена вода, а нивната телесна температура може да се зголеми на 42 степени. Таква температура за човекот значи - висока треска.
Влакна како заштита од топлина
Дебело крзно штити од студ. Кај слоновите случајот е спротивен - малкуте влакна на овие дебелокожци штитат од прегревање. Тоа го открија американски научници. Додека дебелото крзно кај други животни ја задржува топлината на површината на кожата, ретките влакна на слоновите се штит против топлината.
Велнес-третман
Рамнинските тапири ги сакаат дождовните шуми во Јужна Америка. Тие живеат во близина на езера, реки, мочуришта. Добри пливачи се, па често бараат заштита во најблиската вода - сеедно дали се кријат од топлина или бегаат од непријатели. Но, во водата ги чека друг непријател - крокодилот. Животот во зоолошка градина не е толку опасен. Каде на друго место се добива индивидуална разладна масажа?
Ушите како топлотен вентил
Зајаците како температурни вентилатори си ги имаат ушите. На горештина, во ушите, кои имаат малку влакна, доаѓа поголемо количество крв и на тој начин се исфрла телесната топлина нанадвор. Зајаците кога е топло радо се кријат во грмушки, каде се лижат, а плунката испарува и на тој начин го лади телото. Генијално, што сѐ може природата!
Ладно уживање
Колку повеќе се искачува живата во термометарот, толку повеќе годи јадење или пиење ладни работи. Оваа поларна мечка лиже сладолед од мраз и овошје. Други жители на зоолошките градини добиваат замрзнат сок во порции со јогурт, или месо и риба директно од замрзнувач. Така, додека лижат, уживаат подолго во храната и пијалоците.
Едноставно испружи се!
Верверичката не може да складира вода. Затоа, кога е топло, верверичките радо се во близина на вода. Преку голите површини на шепите, кои инаку назима се покриени со влакна, тие испуштаат малку топлина. Кога е жега, сакаат да се скријат некаде на високо, под сенка. Таму се испружуваат со сите четири надолу.
Сироти свињи!
Свињите се чуваат главно за продизводство на месо и се чуваат во тесни штали. А, тие, кога е жешко, најмногу би сакале да се валкаат во ладна кал. Високите температури им предизвикуваат стрес. Тогаш немаат апетит и помалку се гојат. Поради помало конзумирање храна, свињите кои имаат прасиња не можат да создадат доволно млеко за нивна исхрана.
Сѐ е во преправањето!
Камелеоните се мајстори за прилагодување. Со помош на специјални клетки на кожата тие може да се прилагодат на речиси секоја околина. Наутро кожата се бојосува темно за да уловат што е можно повеќе сончеви зраци. Високите температури за нив се неподносливи и тогаш сосема се укочуваат.
Заштита од сонце и акробатика
Штрковите немаат никаков крем или масло за сончање. За да ги заштитат долгите нозе од екстремна горештина, тие ги обложуваат со сопствениот измет. При „голема нужда“ испружуваат една нога за изметот да заврши на телото. Дополнителен терморегулатор на птиците им е и мавтањето со крилјата.
Закана од топлотен удар!
Кучињата се чувствителни на топлина. За да се оладат бревтаат со отворена уста и испружен јазик. Фреквенцијата на дишење притоа се зголемува на 400 пати во минута. За регулација на температурата се пумпа крв од органите на површината на кожата. Без вода и сенка се заканува животна опасност. Со оглед на тоа што автомобилите се многу загреани, кучињата на жега не смеат да се оставаат внатре.