1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Жешко лето“ за Бундесверот во Кундус?

9 април 2010

Од Кундус, кој се наоѓа во срцето на северот од Авганистан, со месеци стигнуваат тажни вести. Во петокот (3.4.) талибанците повторно нападнаа. Билансот е тројца мртви и петмина повредени германски војници.

https://p.dw.com/p/MrSI
Германските војници во Авганистан имаат тешка задачаФотографија: AP

Талибанците во Кундус се посилни од она што досега се сметаше надвор од Авганистан. Бундесверот со своите 750 војници и други соработници во регионот очигледно не може многу да промени.

Многу жители на Кундус често се жалат за тешките услови. „Поради немирите, кои досега се случуваат во некои региони, нашите деца на многу места не можат да одат во училиште. Талибанците ги спречуваат во тоа“, вели Аманула Набизада кој живее во селото Џарбаши, далеку од центарот на Кундус. Тој бара постојано стационирање на авганистански безбедносни трупи во неговото село. Но, неговата желба е неостварлива.

Талибанците стануваат се‘ посилни

Taliban in Afghanistan
Се зголемува бројот на талибанците и нивните сојузнициФотографија: dpa

За безбедноста на околу еден милион жители на Кундус се грижат 300 авганистански војници и скоро 1.200 лошо вооружени полицајци. Тие не мора да се борат само против талибанците. Мухамад Омар, гувернер на провинцијата Кундус вели: „Во времето на талибанската окупација Кундус беше еден од нивните најважни седишта. Тука беа стационирани и многу борци од Чеченија, Узбекистан и други арапски земји. Сега тие се вратија назад и добро го познаваат теренот.“

Според Омар, талибанците и нивните сојузници, таканаречените „меѓународни џихадисти“ секоја година се се‘ посилни. Гувернерот на Кундус проценува дека бројката на вооружени екстремисти во неговата провинција изнесува од 500 до 1.000 војници.

Потребна е подобра обука на германските војници

Conrad Schetter, Afghanistan-Experte, ZEF, Uni Bonn
Конрад Шетер, германски експерт за АвганистанФотографија: Conrad Schetter

Германскиот експерт за Авганистан, Конрад Шетер од Центарот за развојно истражување во Бон, смета дека целта на талибанците е да ги контролираат главните сообраќајници на северот од земјата. Преку нив наскоро треба да се одвива голем дел од дотурот за НАТО-трупите од Русија и Централна Азија.

Тој препорачува да се инвестира повеќе во обуката на војниците од Бундесверот, поради влошената состојба во Авганистан. Според него во моментов мал е бројот на елитни единици соодветно подготвени за мисијата во Авганистан: „Покрај тоа што им недостигаат знаење на јазикот и културолошки познавања, тие навистина не знаат како се води герилска војна. Во такви случаи класичната борбена стратегија не е од голема помош. Меѓу другото тоа беше очигледно и минатиот петок во битките против талибанците.“

Факт е дека задачите на Бундесверот во Авганистан нема да бидат едноставни. Шетер смета дека во наредните месеци тие едвај ќе имаат можност да го спроведат зацртаното, односно да помогнат во обновата.

Автор: Ратбил Шамел/Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска