Жестоки борби во Алепо
2 август 2016Бомбардирањето на руската авијација го запре напредувањето на бунтовниците против трупите на сирискиот претседател Башар ал Асад околу поделениот град Алепо. Џихадистите и исламистичките групи започнаа голема офанзива во неделата во обид да го освојат јужниот дел на градот и да је олеснат опсадата врз градот. Вестите од теренот велат дека бунтовниците ги загубиле позициите кои ги освоија во последните 48 часа, а притоа загинале најмалку 50 нивни борци.
Во бомбардирањето од страна на бунтовниците загинале и 30 цивили.
Според сириски воени извори, во битката учествуваат околу 5.000 про-режимски борци на кои им помагаат и членови на иранската гарда и на шиитското движење Хезболах.
Бунтовниците ги сочинуваат повеќе илјади борци на Фатех ал Шам фронтот и исламисти.
„Оваа битка е последна шанса за бунтовниците. Доколку загубат, ќе биде тешко да започнат нова офанзива за разбивање на опсадата“, вели Абдел Рахман, раководител на Сириската опсерваторија за човекови права.
Вчера, бунтовниците соборија руски воен хеликоптер при што загинаа сите пет членови на екипажот. Околу предградијата под контрола на бунтовниците се палат автомобилски гуми во обид да се намали видливоста и да се сопрат воздушните напади.