ЕЦБ реактивира инструменти за заштита на банките
6 октомври 2011Европската централна банка им излегува пресрет на финансиските институти, со оглед кризата што им се заканува. Таа најави дека ќе им стави на располагање на банките финансиски средства со особено долг период од една година, а има и намера повторно да купува т.н кредити со покритие. Ова го најави се’ уште актуелниот шеф на ЕЦБ, Жан Клод Трише, денеска во Берлин. Волуменот на средствата, според Трише, треба да изнесува 40 милијарди евра. Со ова Европската централна банка реактивира инструменти од времето на финансиската криза во 2008 година. Со овие мерки би требало да се спречат евентуални проблеми со ликвидноста во финансискиот сектор.
Со оглед на инвестииците на банките во државни хартии од вредност од кризните држави на еврозоната од повеќе милијарди евра, порасна недовербата меѓу банките. Тоа се покажува преку големите суми, кои финансиските институти ги складираат во Европската централна банка, наместо да и’ ги позајмат парите на друга банка за високи камати. Трише ги повика банките да ги зајакнат сопствениот биланс и базата од сопствен капитал. Доколку е неопходно, институтите би требало да ги искористат државните механизми. „Ситуацијата во банкарскиот сектор бара посебно внимание“ изјави Трише.
Автор: АТ/ дпа
Редактор: Горан Чутаноски