1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„ЕУ мора брзо да започне преговори со Северна Македонија“

Обработка: Е.М. Фиданоска
5 февруари 2019

Ако ЕУ потфрли на Балканот, кој ќе ја смета за сериозен актер во светот, прашува во гостински коментар за Велт државниот министер во германското МНР, Михаел Рот. Тој бара брз почеток на ЕУ-преговори со Македонија.

https://p.dw.com/p/3CjHY
Luxemburg Treffen der Europaminister | Michael Roth, Staatsminister Auswärtiges Amt
Фотографија: picture-alliance/Zuma Press/W. Dabkowski

Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот, во гостински коментар за весникот „Велт“ го фали Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција и оценува дека на примерот на овие две земји треба да се угледа остатокот на Европа. Во коментарот со наслов „Помирување на Балканот“, Рот, меѓу другото, пишува:

„Кој до неодамна можеше да смета дека е можен договор во 27-годишниот спор за името помеѓу поранешната југословенска Република Македонија - во иднина: Република Северна Македонија - и Грција? Храбри, ангажирани политичари од двете страни со голем личен ангажман постигнаа нешто историско.

(...) Решението на спорот за името е показен пример за мирно решавање конфликти помеѓу европски партнери. Истовремено, историскиот компромис го отвора патот за евроатлантска интеграција на Северна Македонија.

(...) За Скопје да може и натаму да чекори на започнатитот реформски пат, ЕУ-перспективата за Македонците мора да остане на дофат и конкретна. Особено голем дел од младите копнеат по Европа. За процесот на приклучување да биде евродостоен, секогаш се потребни две страни. И, ЕУ сега мора да испорача. По успешни напори на земјите кои сакаат да се приклучат, мора да следи конкретен напредок во процесот на приклучување. Затоа ЕУ сега мора да почне брзо преговори со Северна Македонија.

(...) Со оглед на големиот број кризи и социјални аномалии во делови од Европа, европскиот наратив во последно време загуби од својата привлечна сила. Растечкото влијание на други држави на Западниот Балкан - пред сѐ Русија, Кина или Турција - сведочи и за нашите сопствени слабости. Перспективата за приклучување во ЕУ за земјите од Западен Балкан е огромна шанса, но тоа е шанса и за ЕУ. Таа шанса треба да се искористи паметно, тоа е во наш стратешки интерес. Ако ЕУ потфрли на Балканот, во еден регион кој историски, географски и културно ни е толку близок, како ќе бидеме сериозно сфатени во улога на актер со амбиции на глобално ниво? Привлечната сила на европскиот модел - демократија, слобода и правна држава поврзана со безбедност и благосостојба - сѐ уште е силна на Западниот Балкан. Со решението на спорот за името Скопје ги постави вистинските смерници во насока на ЕУ и истовремено испрати важна порака во регионот: национализмот и популизмот водат во ќорсокак. Зашто кажаното 'да' за промена на името истовремено е и 'не' за националистичките сили на Балканот. Во времиња кога популизмот и национализмот го ставаат на стрес-тест европскиот модел, грчко-македонскиот чин на помирување е вистински охрабрувач за остатокот на Европа - заедно наместо поделени, дијалог и компромис наместо национални егоизми - на тоа може да се угледаат сите ЕУ-партнери“, пишува во својот гостински коментар за весникот „Велт“, државниот министер за Европа во германското МНР, Михаел Рот.