1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ерусалим - коска в грло

3 септември 2010

Во Силван, арапски дел од Ерусалим, постојано има судири. Палестинците бараат повлекување на еврејските доселеници од Источен Ерусалим и палестинските подрачја.

https://p.dw.com/p/P2hb
Силван, дел од ЕрусалимФотографија: DW

„Се наоѓаме на патот кон Силван, еден од најголемите арапски делови во Ерусалим. Тука им помагаме на луѓето, за кои постои опасност да бидат насилно избркани“, вели рабинот Јехиел Грениман, заменик директор на организацијата „Рабини за човекови права“.

Застануваjќи пред урнатините на една куќа во Силван, која градските власти ја урнаа пред една година, тој раскажува:

„Стоев зад ѕидот со повеќе новинари и фотографирав. На покривите лежеа полицајци и војници, а долу имаше полицајци на коњи и со булдожери. Јас се јавив во градската управа, но и тоа не ги спречи да ја урнат куќата. Потоа дојде до насилства, летаа камења, имаше солзавец и пукотници, тоа беше лош ден.“

Доселениците често немаат дозвола за градба


Israel Palästinenser jüdische Siedlungsbau in Ost-Jerusalem
Изградба на еврејска населба во Источен ЕрусалимФотографија: AP

Грениман чука на вратата на соседната куќа, каде живее Факри Абу Дијаб. И од таа зграда наскоро може да остане само урнатина. Од една пластична кеса Факри Абу Дијаб вади повеќе документи. Градската управа на Ерусалим му соопштила дека наскоро ќе ја урнат и неговата куќа.

„Ги чекаме булдожерите, чекаме да се случи катастрофа за моето семејство и мојата населба. Но, ветувам дека кога ќе дојдат, со моето семејство ќе се забарикадираме во куќата. Ако ја урнат мојата куќа, ќе ме затрупаат под урнатините.“

Археолошки парк наместо доселенички населби


Israel Jerusalem Rabbi
Рабинот Јехиел Грениман и Факри Абу Дијаб во СилванФотографија: DW

Факри Абу Дијаб е трета генерација од неговото семејство, која живее во Силван. Но, тие немаат дозвола за градба на куќата, која на почетокот била само една соба. Тој сакал да ја прошири кога добил деца, и самиот видел што доживуваат многу Палестинци во Источен Ерусалим. Од градската управа одбиле повторно да му дадат дозвола за градба, и постојано му барале одобренија од стручни лица, молби или фотокопии. По три години Факри Абу Дијаб се откажал и градел без дозвола:

„Едноставно морав да ја надградам куќата, немав друг избор. Тоа беше пред 22 години, и оттогаш плаќам данок за куќата. Ако е изградена илегално, зошто тогаш морам да плаќам данок? Во суштина сето тоа е политика, тие ја сакаат земјата, но не и луѓето. Затоа сакаат да не‘ протераат од оваа населба.“

Градските власти во Ерусалим планираат да урнат повеќе од дваесет куќи во Силван. На нивно место треба да се изгради археолошки парк за туристи. Жителите не можат да го спречат тоа ни по судски пат, оти немаат одобрение за градба. Рабинот Грениман и организацијата „Рабини за човекови права“ се обидуваат да помогнат. Заедно со Абу Дијаб Факри тие протестираа против уривањето на куќите, платија адвокати, и донесоа новинари во Силван. Но, се‘ уште немаат надеж дека ќе го спречат уривањето.

Автор: Даниел Пелц / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска