1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП сепак „го избриша“ македонскиот јазик од резолуцијата

7 април 2011

ЕП со мнозинство гласови ја усвои резолуцијата за напредокот на Република Македонија на патот кон ЕУ. Усвоени се амандманите на грчките европратеници со кои се избриша придавката „македонски“ во текстот на резолуцијата.

https://p.dw.com/p/10pJh
Европскиот парламент во СтразбурФотографија: picture-alliance/ dpa / dpaweb

Од вкупно 594 европратеници кои зедоа учество во гласањето за резолуцијата, гласаа 506, против 44 и 44 беа воздржани.

Главната порака од резолуцијата е дека Европскиот парламент уште еднаш бара итно отворање на преговорите за членство во ЕУ, со жалење што Советот на ЕУ не ги следел досегашните препораки на Европарламентот и на Европската комисија. Пред да се премине на гласањето, грчкиот европратеник Николаос Салавракос побара да се одложи гласањето на резолуцијата, поради компромитираноста на нејзиниот изработувач – словенечкиот европратеник Зоран Талер, и за неа да се гласа по три месеци. Бугарскиот европратеник и времен известувач Кристиан Вигенин го отфрли ова барање, оценувајќи го како „пропаганда“, образложувајќи дека за резолуцијата беше постигната широка согласност од политичките групи и таа доби широка поддршка од Комисијата за надворешни работи на ЕП. По ова објаснување мнозинството од европратениците дадоа согласност да се гласа резолуцијата.

Македонскиот јазик е заменет со терминот „официјален“

Гласањето помина и со мал инцидент, откако Едуар Кукан побара за финалната верзија на резолуцијата да се гласа со поединечно гласање, на што не се согласија некои британски европратеници, по што ја напуштија салата.

Гласањето на моменти беше малку хаотично,бидејќи и самиот известувач не сфати дека со усвојувањето на првиот амандман се брише старата верзија.

Europaparlament-Strasburg.jpg
Фотографија: AP

Европратениците го отфрлија амандманот на британскиот европратеник Чарлс Танок со 380 против, 54 воздржани и 171 пратеници „за“. Неговиот амандман бараше македонскиот јазик да се ословува со неговото име, а не со терминот „официјален“ јазик на државата.

Истовремено европратениците ги усвоија амандманите на грчките европратеници со кои се избриша придавката „македонски“ во текстот на резолуцијата, каде беше заменета со референцата.

Во резолуцијата се земени во предвид и последните настани во Македонија кои доведоа до предвремени избори. Европратениците ги повикуваат сите политички партии да играат активна и конструктивна улога во процесот на подготвките на изборите, при што се подвлекува дека слободните и праведни избори спроведени со транспарентност и во согласност со меѓународните норми претставуваат важен елемент во една зацврстена демократија. ЕП ги повикува политичките партии да земат активно учество во изборите и изразува загриженост во однос на политичката ситуација, при што се упатува повик до сите политички раководители да изнајдат консензус врз основа на демократските институции.

Bulgarien EU Europaparlament Kristian Vigenin
Привремениот известувач за Македонија Кристиан ВигенинФотографија: vigenin.eu

Дополнување на резолуцијата со барање за постигнување прифатливо решение за името

Зачувувањето на добрососедските односи, во што се подразбира и едно взаемно прифатливо решение за прашањето за името преку преговори под покровителство на ООН е од првостепено значење, се вели во додадениот текст на резолуцијата, во кој се бара од Европската комисија и од Советотна ЕУ да почнат со изработка на механизам за арбитража, кој би овозможил да се решаваат билатералните проблеми меѓу земји-кандидати за членство со држави-кандидати или членки на ЕУ и меѓу држави-членки на ЕУ.

Во резолуцијата станува збор и за слободата на медиумите, меѓуетничките односи и внатрешната политичка ситуација. Европратениците и‘ честитаат на владата за „ефикасното спроведување на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ“.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема