1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Експозитура или автономија

Синоличка Трпкова
2 февруари 2018

Новиот закон за високо образование, иако ветува, нема брзо да ја смени состојбата. Затоа што на Универзитетот се истите луѓе што молчеа и играа танго со власта, за личен профит. Колумна на Синоличка Трпкова.

https://p.dw.com/p/2rzky
Sinolicka Trpkova, mazedonische Schauspielerin
Фотографија: S. Trpkova

Не знам дали сме земја во која сето научено, положено, совладано, надградено во студентските денови тешко се применува, или сме земја чие високо образование воопшто не соодветствува на реалноста!?  Според информација од 2016 година имаме 14.135 високообразовани луѓе без работа, од кои 31 доктор на науки и 927 магистри. Значи сме имале луѓе жедни за знаење што сега „дремат”. Јас не знам дали тие ѝ се потребни на земјата, но не знам ни дали земјава воопшто знае што ѝ е потребно. Поставувањето на овие прашања за време на владеењето на ДПМНЕ-ДУИ ќе беше како тепање муви во воздух. Ваквите прашања денес имаат голема смисла. Особено заради ситуација во која сме западнати, од којашто не знам како би излегле освен со суштински и болни зафати.

Секоја нова влада во државава на почетокот влегува со ентузијазам, а си оди со полни џебови, но со изгубена доверба и разочараност од народот. По заминувањето на секоја од нив, без исклучок, од осамостојувањето на Македонија до денес, имаме сѐ побогати и побесрамни политичари, сѐ позапустена, повалкана, пообезличена држава и сѐ понеобразован и посиромашен народ. ДПМНЕ беше единствената влада што ја исправи „грешката” со народот, па му отвори универзитети во секое село и приградска населба, за да можат сите завршени средношколци да завршат факултет без да излезат од сопствените гратчиња и села, а дел од нив и да докторираат и магистрираат на тој начин. Од податокот дека 70% од младите се функционално неписмени, јасно е дека образованието ни е за никаде. Од друга страна, бројот на универзитети и бројот на завршени студенти, магистранти и докторанти ни се во целосна „хармонија” – што е резултат на хиперпродукција на кадри. А денес, за жал, се наоѓаме во егзистенционален општествен колапс, што вклучува и културен, научен и образовен колапс. Од личната и секојдневна хигиена - до смртоносно загадениот воздух и уништената животна средина.

Факултетите се распаѓаат - однадвор и одвнатре

Пет државни универзитети за земја како нашата се премногу. Ако ги додадеме и петнаесетте приватни, заличуваме на држава -„кампус”. Најзагрижувачки е фактот што УКИМ како најстар и најдобар Универзитет, во текот на изминатите години е паднат „на колена”. Доволно е само да се влезе во некои од факултетите за да се види во каква состојба работат тие. Со мали, индивидуални исклучоци (на оние на кои им успеало да направат и приватен бизнис од факултетот), голем дел од факултетите се во фаза на распаѓање, како однадвор – така и одвнатре. Да не зборуваме воопшто за содржината на програмите и практичниот дел од наставата. Најмногу што можеме како професори е да им „раскажуваме приказни” на студентите, што самите ги имаме научено од странска литература. Без интернет, без лична инвестиција, и без познавање на странски јазици би можеле веднаш да се вратиме во камено доба. Сме дошле и во ситуации да бидеме пред исклучување на струја, заради неплатени сметки. Но дури и во такви услови, на некои факултети сѐ уште постојат мали ентузијастички јадра што одржуваат чекор со времето и светот. Ако е до овде дојдена ситуацијата на најдобриот и најстариот универзитет во Македонија, се прашувам – како ли опстојуваат останатите државни универзитети?!

Професорите главно молчат, гледајќи си ги личните кариери, наместо први да дигнат глас и да реагираат. Ректорите, Сенатот и СПУКМ не се заинтересирани за мизеријата во којашто години наназад гние кадарот и студентите, но затоа станаа продолжена рака на власта. Ја згазија универзитетската автономија и послушно ги исполнуваа наредбите на власта. Тоа што требаше да стане центар и поттик на критичката и движечка сила во земјата, се престори во заби на квази-капиталистичкиот вампир на власт. Затоа сметам дека цената што допрва ќе ја плаќаме ќе биде огромна. За да се врати сето изгубено ќе треба многу храброст, а особено знаење. Новиот закон за високо образование иако ветува промени на добро, не верувам дека видливо и брзо ќе ни ја смени состојбата. Затоа што луѓето на Универзитетот, на чело со управните органи, се истите оние што молчеа и играа танго со власта, за хонорари, проекти, функции, за личен профит, а еве и денес се први другари и со новата власт!?  Резултатите од тоа ги гледаме во сите сегменти од нашето живеење. Што можеле таквите професори да ги научат студентите - освен да материјализираат сѐ што ќе им падне до рака. За жал не ги научиле да развијат интегритет и критичко размислување и делување. Како и кој ќе се справува со тој кадар од УКИМ што си седел мадро, си редел сомнителни титули и си земал хонорари од сите можни универзитети!? А да не зборуваме за останатите државни и приватни образовни институции. Дел од завршените студенти сигурно ќе заминат, но дел ќе останат да го дишат отровот на зачмаеноста, веројатно невработени - под услов да се престане со измислување работни места, корупција и непотизам.

Можеме само ако сакаме

Образовниот диносаурус ќе мора да исчезне, а на негово место да се роди нов, свеж организам што ќе ја движи земјата и ќе работи во нејзин интерес. Потребни се нови кадри, но веројатно има и такви што се вишок (за нив никој не сака да зборува!). Особено е важна содржината што ќе се нуди на Универзитетот и кои ќе бидат критериумите за запишување. Ние сме мала земја и можеме, ако сакаме, да го насочиме образованието онаму каде што имаме потенцијал, знаење и интерес. За да создадеме можности младите луѓе да се пронајдат себеси, да учат и креираат - наместо да дремат. Да не заборавиме и дека имаме наши професори, научници, уметници надвор од земјата, кои верувам безрезервно би сакале да ги споделат не само знаењата и светските достигнувања со нас, туку и да ни помогнат во организирањето на универзитетот. Стравот дека тие ќе нѐ загрозат треба да престане зашто е неоснован - од нови искуства и знаења досега никој не умрел! Исто така, ќе треба да собереме сила за да го препознаеме, и поддржиме одличниот кадар дома, кој за жал години по ред е маргинализиран и шиканиран од маратонските „танго” играчи. 

Без темелни реформи на УКИМ, без редуцирање на приватните и државните факултети (Универзитети), нашата земја нема да го сочува она што ѝ е потребно и неопходно. Но што е тоа што е неопходно - е најтешкото прашање. Дури и да имаме одговор, се прашувам дали имаме пред сѐ желба, а и способност да го направиме најдоброто, за сите нас. Формата е лесна за менување. Само длабоки и обмислени промени во содржината на образовниот процес можат да нѐ извадат од калта. А за нив малку се зборува. Зашто тие промени ќе треба да ги правиме ние самите одвнатре, со транспарентна и постојана поддршка „однадвор”. Дали навистина сакаме слободен, независен и модерен Универзитет или само уште една експозитура на власта?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема