1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Експерименталниот уметник Нина Роде од Берлин

1 декември 2010

Да се дефинира уметноста е тешко. Уште потешко е да се опише со каков вид уметност се занимава Нина Роде. Нејзината уметност е експеримент.

https://p.dw.com/p/QJ7U

Кога би ја прашале Нина Роде каква уметност создава, тогаш од неа би го слушнале следново: „Би рекла, jас правам мултимедијални експерименти.“

Што мисли со тие зборови, се гледа во нејзината дневна соба. На ѕидот виси едно големо црно тркало. На тоа тркало се монтирани три други, помали тркала. Сите тркала се вртат, придвижени од еден мал мотор. Со меѓусебното испреплетување и преклопување на шарените тркала постојано се создаваат нови игри на бои, истовремено хаотични и хармонични. Токму тоа за Нина Роде е нејзиниот експеримент: „Ми се допаѓа кога работите не се одвиваат совршено, бидејќи на тој начин постои можност за случајност. Овие тркала не се вртат совршено. На тој начин доаѓа до напнати иритации. Јас сакам секогаш да  ја оставам отворена можноста да настане хаос, затоа што за мене хаосот е поинтересен од совршеноста и од редот.“

Мачорот Единг

Ред и хаос - оваа противречност одговара на Нина Роде и на нејзиниот живот.

Во нејзиното секојдневие не постои ред, барем не препознатлив. Единственото нешто што му дава рутина на нејзиниот ден е мачорот Единг: „Тој ме буди секое утро со тоа што седнува на моите гради и ме набљудува се‘ додека не ги отворам очите. Тогаш станувам, му правам нешто за јадење, а за мене варам кафе.“

Gesichter Deutschlands Fragebogen NiRhF3
Понекогаш изработува и дела по нарачкаФотографија: DW

Дали било случајност или намера тоа што го довело Единг во животот на Нина? Тоа не се знае. Кога пред неколку години се преселила во огромниот нереновиран стан во една стара куќа, кој истовремено и‘ служи како ателје, имала голем проблем: стаорци.

Нина се информирала како најдобро да се спаси од нив и го нашла мачорот Хенинг. Веднаш го преименувала во Единг. Мачорот со задоволство ја прифатил зададената задача. Како што набргу се покажало, дури и со преголемо задоволство. Откако ги истребил сите стаорци, Единг почнал да носи во станот глувци од околината, за да си поигра прво со нив (понекогаш и да ги измачува) и потоа да ги изеде. „Место стаорци, имав раскинати глувци во станот“, вели Нина, насмевнувајќи се со разбирање.

Живот за уметноста

Во моментов, таа ги изложува нејзините нови дела во една галерија во Берлин. Живее во главниот град од нејзините студентски денови. Нина се надева дека на луѓето кои ги набљудуваат нејзините дела тие им се допаѓаат. Според неа, тоа е најважно. Секако дека сака нејзините дела и да се продаваат, затоа што таа живее од својата уметност. Понекогаш изработува и дела по нарачка. Таа раководи и со еден ноќен клуб. Вели дека понекогаш е тешко да се живее без редовен приход. За приоритетите во својот живот вели: „Кога би морала да се решам, повеќе би одбрала една туба боја отколку полн стомак.“

Gesichter Deutschlands Porträt NiRhP2
Тркалото што виси во дневната соба на НинаФотографија: DW

Што и‘ е потребно за живот? Доволно е нејзиното ателје, работилницата за скулптури покрај ателјето и доволно материјал за нејзините експерименти. Нина Роде нема високи барања. Се‘ што сака е да биде отворена за нови идеи и да живее за нејзината уметност.

Автор: Габриел Боруд / Виолета Вај

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска