1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бангладеш планира да смести над 100 илјади Рохинги на остров

Екипа на ДВ
5 септември 2019

Повеќе од еден милион Рохинга муслимани живеат во бегалски кампови во Бангладеш. Владата сега сака тие луѓе да ги пресели на ткн. „Лебдечки остров“. Но, бегалците не сакаат таму, а владата најавува присилни мерки.

https://p.dw.com/p/3P2fS
Rohingya Camp Süd Blangladesch
Фотографија: DW/N. Conrad

Сонцето не продира низ дождовните облаци во ова доцно августовско утро. Во Бангладеш е сезона на монсуни. Група чамци полека пловат кон пристаништето Читагонг. Во него веќе се усидрени рибарски бродчиња. На хоризонтот, 30-ина километри од копното, се надзира остров. Тамошното население го нарекува „Бхасан Чар“- „Лебдечки остров“. Пред 20 години воопшто не постоел. А тогаш, поради седиментите кои се таложеле низ годините, едноставно „изникна“ од морето. Оддалеку на островот се забележуваат силуети на згради.
Во тие куќи наскоро би требало да живеат околу 100 илјади луѓе. Но, тоа нема да бидат граѓани на Бангладеш, туку Рохинга муслимани од соседен Мјанмар. Стотици илјади бегалци пристигнаа во Бангладеш откако избувна насилството во Мјанмар и беа сместени во импровизирани бегалски кампови. Сега, владата планира да ги пресели на овој остров, но, против нивна волја.
Репортерите на ДВ се први новинари од Западот кои добија дозвола да го посетат, се уште, ненаселениот „Лебдечки остров“. Но не сами, туку во придружба на војската на Бангладеш.

Rohingya Camp Süd Blangladesch
Зградите на островот ќе се користат како училишта, амбуланти и верски објектиФотографија: DW/N. Conrad

Бегство од Мјанмар

Насилството во Мјанмар пресели речиси еден милион Рохинга муслимани во Бангладеш во 2017 година. Најголемиот дел се сместени во шаторски населби во близина на градот Кокс'с Базар. Денес е тоа најголем бегалски камп во светот. Состојбата во него е ужасна. Безбедноста е исто така проблем, особено ноќе кога хуманитарните работници го напуштаат кампот. Убиства, киднапирања и силувања, не се никаква реткост.
На островот полека финишираат работите на илјадници бунгалови и на 120 четирикатници. Во нив ќе бидат сместени училишта, болници и општински простории. Изградбата досега чинеше околу 272 милиони долари, а се предвидува во населбите во рок од две години, кров над главите да добијат до 400 илјади луѓе, вели за ДВ, архитектот Ахмед Мукта чија фирма гради на островот.

Рохингите не сакаат на остров

Доколку падне одлуката за преселба, морнарицата на Бангладеш планира да префрла меѓу 400 и 500 Рохинги дневно на островот. Но, Рохингите се спротивставуваат на тоа со сите сили. „Не сакаме на тој остров. Тоа може да биде поплавено и луѓе да загинат. Нашите деца ќе се удават“, се жалат луѓето од кампот. „Таму ќе бидеме изолирани. Ве молам, помогнете ни да останеме овде“.
Но, владата на Бангладеш и присилно ќе ги сели Рохингите, вели за ДВ, министерот за надворешни работи Абул Калам Абдул Момен. „Доколку не сакаат да одат- ќе ги принудиме“.
Министерот вели дека владата стравува од радикализација на Рохинџите во камповите.
„Рохингите ни прават проблеми. Постојано се случуваат убиства на домашното население. Не можеме тоа да го дозволиме, мораме да го одржиме редот. Поради тоа веројатно ќе мораме да ги присилиме да се преселат на островот“, вели Момен.
Владата во овој момент не гледа друга можност. Имено, пред разговорот со министерот, пропадна обидот повеќе илјади Рохинги да се вратат во Мјанмар. Ниту еден човек не се сложи да се врати во земјата од страв од нов прогон.
И Обединетите нации се скептични во однос на планот на владата во Бангладеш. Причините се повеќекратни, а во прв ред, поради тоа што бегалците со години би можеле да останат заглавени на островот со многу ограничена слобода на движење. Освен тоа, ќе биде многу компликувано логистички да им се доставува помош на бегалците на две места, на островот и во камповите. Конечно, тука е и прашањето кое постојано лебди во воздух: дали на островот навистина може да се живее подолго време? Ќе можат ли луѓето да ги преживеат бурите кои се се почести поради климатските промени?
Репортерите на ДВ на крајот на патувањето беа однесени и до светилникот кој се вика „Знак на надеж“. На еден бел ѕид оставено е место за табла која ќе биде поставена откако премиерот Шеик Хасин официјално ќе го отвори островот.

Animiertes GIF  Zeitraffer Rohingya
Лебдечкиот остров низ годините, од 2016 до 2019
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема