1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обединувањето во економијата уште изостанува

Јута Васераб/Зоран Јордановски3 октомври 2015

Речиси е завршена обновата на Истокот по германското обединување. Во многу области е намалена разликата во однос на Западот. Само продуктивноста останува на ниско ниво, а времето работи против Истокот.

https://p.dw.com/p/1GhhD
Фотографија: picture-alliance/Wolfram Steinberg

Претставете си: 400 000 луѓе во една година се селат од Исток на Запад. Тоа беше во 1989. - годината кога падна Берлинскиот ѕид. Наредната година уште 400 000. Тоа беше вистинско бегалско движење од подрачјата на поранешната ГДР - Германската Демократска Република (некогашната Источна Германија - н.з.). Тогашниот канцелар Хелмут Кол е под притисок. На околу три месеци по падот на Ѕидот, тој објави воспоставување монетарна унија од 1. јули 1990. Граѓаните на ГДР ќе добијат западногермански марки, што требаше да биде мотив да се запре преселбата. Цената на тој подарок се плаќа до денес.

Тогашниот Стручен совет за анализа на стопанскиот развој уште на 9. февруари 1990. годинаво писмо го предупреди Кол: „Брзо остварување монетарна унија го сметаме за погрешно средство за запирање на реката преселници“.

Deutschland Ansturm auf Banken Einführung der D-Mark in der DDR
Фотографија: picture-alliance/dpa

Крај на конкурентноста

Но, Кол ги игнорира задршките на економистите. Од 1. јули таа година сите тековни плаќања - плати, пензии - се префрлени во западногермански марки во сооднос 1 спрема 1. Но, тој курс не беше соодветен на продуктивноста на двете економии: на крајот од постоењето на ГДР продуктивноста таму изнесуваше околу една третина од западното ниво. Цените во источниот дел станаа повеќекратно повисоки.

Источногерманските претпријатија дефинитивно станаа неконкурентни откако синдикатите и работодавачите од Западот пролетта 1991. година преговараа за платите во источниот дел, што доведе до нивен брз пораст. „Развојот на продуктивноста заостана зад развојот на платите, што значи дека претпријатијата не можеа да го издржат тоа“, вели Герхард Хајмполд од Институтот за економски истражувања од Хале.

Претпријатијата беа затворани. Според Хајмполд, со масивниот процес на деиндустријализација до 2005. година беа загубени повеќе од 1 милион работни места. Невработеноста во источниот дел до 1997. година скокна на 17,7 проценти. Многумина, честопати млади и добро образовани Источногерманциотидоа во западниот дел. Невработеноста на Истокот во 2005. година го достигна највисокоте ниво од 18,8 проценти.

Сепак и по некој „предел во процут“

Наредната година настапи пресврт, почна да опаѓа бројката на невработени. Во 2013 стапката падна на 10.3 проценти, најниско ниво од 1991. година. Повнимателен поглед во бројките покажува дека веќе нема едноставна разлика Исток - Запад: источногерманската покраина Тирингија стои подобро отколку западните Бремен или Северна Рајна Вестфалија. Во некои источногермански градови или окрузи стапката изнесува меѓу 4 и шест проценти, што повеќе би било соодветно за Баварија или Баден Виртемберг.

Bildergalerie Strukturwandel Magdeburg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Но, најимпресивен е сепак економскиот подем во првите пет години по падот на Ѕидот: државната благајна на ГДР беше празна, а дотолку поголема беше потребата од инвестиции на пазарот на станбен простор, во инфраструктурата и во претпријатијата.

До средината на 90-тите години БДП по глаа на жител на Истокот растеше како за време на западногерманското економско чудо во повоеното време - и тоа од значително повисоко појдовно ниво. Според пресметките на Ифо-институтот од Берлин, финансиските трансфери од Западот за мерки за поддршка на порастот на Истокот во периодот 1991 - 2013 изнесуваат околу 560 милијарди евра. „Тоа беа добро инвестирани пари“, вели Хајмполд. Денес производствените претпријатија на Истокот се подобро снабдени со капитал отколку западните, инфраструктурата е модерна, токму како и центрите на источногерманските градови, а универзитетите таму се добро опремени.

Структурни проблеми го држат Истокот на дистанца

Но, економистите ги загрижува дека по периодот на подем, настапи стагнација. Големите инвестициони цели се завршени, веќе речиси 20 години нема намалување на разликите меѓу економиите од Истокот и Западот. Денес БДП на Истокот изнесува 67 проценти од западниот. Најслабата западна покраина Шлезвиг-Холштајн е на 82 процента од западниот просек. Клаус Хајнер Рел од Институтот на германското стопанство од Келн смета дека Истокот би требало да го има барем нивото на најслабите западни покраини.

И Хајмполд смета дека е нужен натамошен напредок кај продуктивноста, оти поради демографскиот пресврт треба со помал број работна сила да се обезбеди благосостојбата на регионот и на целата земја. А токму тоа е многу тешко, оти последиците од монетарната унија денес станаа тврдокорен структурен проблем. Истокот никогаш вистински не се опорави од големата деиндустријализација во почетната фаза.

Клуч за успех: повеќе иновации

Ostprodukte sind wieder angesagt
Фотографија: picture-alliance/dpa

На Истокот му се потребни големи претпријатија. Сите тие се концентрирани во западниот дел и тоа ја прави разликата. Тие се во просек попродуктивни, повеќе извезуваат и можат побргу да растат. Во нив се вршат повеќе истражувања, па соодветно на тоа, тие се поиновативни и поконкурентни. На Западот околу 70 проценти од трошоците за истражувања ги вложува приватното стопанство, на Истокот само околу 40 проценти.

Истокот е притиснат и од проблемот на недостиг од работна сила. Преселбата на млади и квалификувани луѓе таму уште повеќе го заострува проблемот со стареењето на населението, што инаку е севкупно германски проблем. Помеѓу 1990 и 2012 година бројката на работноспособно население на Истокот опадна од 11,2 на 10,1 милион, додека на Западот остана стабилна. Трендот на Истокот ќе продолжи. Недостигот од работна сила може да предизвика уште помал пораст, може да запре процесот на уедначување на животните услови во двата дела. Единственото што може да се направи против демографскиот развој е процесите да бидат поефективни, поиновативни, со поинтензивна примена на знаења, вели Хајнер Рел.

Тоа е Херкулова задача за малото и средно стопанство, кое е доминантно на Истокот. Само ако тоа успее да ја реализира, Германија ќе може да се радува на успешна меѓугерманска фузија.