1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еколошка такса - дополнителен арач или нужност

Тони Поповски
19 јуни 2021

Да нема владина одлука за воведување на еколошка такса, компаниите и домаќинствата нема никогаш да ги надоместат штетите врз животната средина. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/3vBuX
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Од една страна премиерот, изложен на сонце и горештина, со најава за позначајно зголемување на  еколошката такса на нафта и нафтени деривати, наменето за зелена обнова, а од другата страна, премиерот во сенка, со јавна опомена дека се работи за дополнителен и неоправдан арач кој го осиромашува населението.
Кому да веруваме?

Изложениот премиер со одговорност да адресира предизвици на тековна повеќекратна криза, посегнува по зелен даночен инструмент за да го дополни резервоарот на буџетски средства за зелен опоравок. Премиерот во сенка предупредува дека моментот е исклучително лош и дека стопанството и граѓаните се ранливи, притоа повикува на сенароден отпор на зелената такса, не нудејќи алтернатива за барем делумно финансирање на зелената обнова.

На прашањето дали ни е потребна обнова сега и веднаш, во услови на повеќекратна криза, немам дилема дека сите кои поседуваат здрав резон ќе дадат потврден одговор. Дали таа обнова треба, доколку е можно да биде „зелена“, исто така немам дилема дека тие со здрав резон ќе потврдат. И сега, покрај недвосмислени заложби на тие со здрав резон, но и на ЕУ и САД, за брза и ефективна „зелена“ обнова, се создава отпор кон поголемо зголемување на симболичната зелена давачка, и тоа за првпат во нашата самостојна историја.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во моментов пресметува „симболична“ еколошка давачка за горива, која се движи од 0.03 кај дизелот до 0.08 денари кај бензините. Определувањето на оваа такса на постоечкото ниво, долго време е еден од клучните фиксни фактори, цените на горивата кај нас да се држат на пониско ниво споредено со други држави од регионот, а особено со Европската Унија.  

Сакаме „зелено“, не сакаме зелени давачки

Не само македонската влада, туку многу други влади на глобално ниво, со декади наназад се обидуваат да ги адресираат еколошките предизвици и да изнајдат соодветни и прифатливи финансиски инструменти за намалување на негативните влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето. Овие последици имаат монетарна цена во загубени работни денови и зголемен притисок и трошоци на здравствениот систем, како и неизмерлива цена во загубени животи. На овој аспект намерно или ненамерно подзабораваме во дебатата. Доколку не сакаме да имаме зелени давачки, а без нив нема зелени проекти, плаќаме многу, но на поинаков начин и (не)свесно се определуваме да платиме цена и во човечки животи. 

Истовремено, владите се принудени да изнајдат начини за минимизирање на влијанието на еколошките давачки врз економскиот раст. Предизвикот е комплексен, и резултираше, барем во ЕУ, со склучување на Зелен европски договор, проширен со Зелена агенда за Западен Балкан и поврзан инвестициски план. Суштината на овој договор е во креирање на модел на обнова кој покрај еколошките и здравствените, создава поголеми економски придобивки во споредба со економските последици. Тоа што не смееме да не го земеме предвид во дебатата е потребата преку умешно, транспарентно, и отчетно водење на инвестицискиот циклус (одговорноста е на владата), покрај забрзан „зелен" опоравок, да се создадат нови одржливи „зелени“ пазарни сегменти и нови „зелени“ работни места. Само низ целисходни инвестиции може одржливо да расте животниот стандард, да се компензира почетниот притисок од новата давачка и повеќекратно да се врати влогот.

Зелена финансиска филхармонија

Владите, не само во ЕУ, имаат на располагање само неколку финансиски инструменти за адресирање на еколошките предизвици. Покрај еколошките даноци кои се во основа стабилен инструмент, тоа можат да го сторат преку воспоставување на со закон утврдени ограничувања и стандарди кои имаат финансиски импликации врз компаниите и домаќинствата, иновативни политики и на крај преку директни еколошки субвенции и индиректни олеснувања. Најдобро е на сите овие инструменти да се свири како вешто диригирана зелена филхармонија во целосен склад на поединечните тонови.

Секако, еколошките даноци се вградуваат во конечните цени на производи и услуги но сепак им остават на корисниците можности за избор, а на компаниите доволно флексибилност да утврдат како најдобро да го намалат негативниот еколошки отпечаток.

Еколошките даноци се сметаат за стабилен извор за финансирање на еколошки мерки бидејќи како инструмент се под помало влијание од потенцијален отпор, неинвентивност, закржлавеност,  и следствено - неуспех на „себерегулираниот" пазар самостојно да ги земе предвид и да ги адресира влијанијата врз животната средина. Да нема владина одлука за воведување на еколошки данок, компаниите и домаќинствата нема никогаш да ги надоместат штетите врз животната средина.

Други колумни од авторот:

Како да постигнеме одржлив и отпорен опоравок?

Квалитетен воздух, утопија или реална можност

Зелен мит или зелена иднина

Загадувачот кај нас (не) плаќа

Примарно начело кај еколошките даноци е да бидат насочени кон загадувачот или однесувањето на загадувачот. Изминуваат 16 години од носењето на Законот за животна средина, во кој како едно од клучните начела, во членот 9 сме навеле дека „Загадувачот плаќа".  До овој момент оваа одредба многу воздржано и срамежливо ја спроведуваме бидејќи кусогледо проценуваме дека не ни одговара, за да сега одеднаш се разбудиме во шок, дека сите сме препознаени како загадувачи и дека конечно треба да платиме за загадувањето кое го предизвикуваме.

Да се потсетиме на целата одредба. Загадувачот е должен да ги надомести трошоците за отстранување на опасноста од загадување на животната средина, да ги поднесе трошоците за санација и да плати правичен надомест за штетата причинета врз животната средина, како и да ја доведе животната средина, во најголема можна мера, во состојба како пред оштетувањето.

Користејќи фосилни горива и нивни деривати во нашите возила и за други потреби, ја загадуваме животната средина и сега повторно не ни се плаќа. 16 години немало момент, и според опозицијата (не само политичката) на овој предлог, денес е најлошиот момент и најдобро е примената да ја одложиме на неопределено време. 

Второ клучно начело кај еколошките даноци е даночната стапка да биде сразмерна со штетата нанесена на животната средина и здравјето на луѓето, односно даноците мора да бидат веродостојни, целисходни, а собраните средства да се користат наменски. Следствено, стапката на еколошките даноци мора да биде оправдана и јасно образложена. Иако сите ние ја насетуваме оправданоста, и покрај тоа што која било покачена стапка е непопуларна, сепак владата требаше да направи дополнителен напор и конкретно да ја изрази финансиската димензија на штетата врз здравјето на луѓето од употребата на фосилните горива кај нас пред да испроектира дополнителен годишен прилив од близу 55 милиони евра во буџетот. Ние имаме истечен Национален план за квалитет на амбиентниот воздух во кој се квантифицираат инвестициите за надминување на штетните влијанија низ сценарија. Ниту едно од неколкуте сценарија од истечениот план не беше под 1.2 милијарди евра. Да имавме воведено ваква такса во 2012 година, кога планот беше подготвен, претпоставка е дека до денес ќе имавме реализирано близу половина од неопходните инвестиции само со еден финансиски инструмент. Во меѓувреме се донесе Стратегијата за енергетика во која се определивме за спроведување на зеленото сценарио, каде има квантифицирани сценарија, но само за овој сектор.

Нареден и можеби клучен момент е поврзан со потребата од јасна комуникација за прифаќање на оданочувањето на штетите врз животната средина од страна на пошироката јавност. Притоа не се доволни куси изјави и неколку слајдови, туку неопходно е да се проследат вакви решенија со подетални образложенија за ефектите и оправданоста.

Ние не сме први, туку меѓу последните кои треба да оданочат загадувачи

Согласно последни достапни податоци, во 2019 година, државите членки на ЕУ оствариле приходи од еколошки даноци во висина од 330,6 милијарди евра, односно 2,4% од БДП на ЕУ и 5,9% од нивниот вкупен приход од даноци и социјални придонеси. 77,9% од овие приходи доаѓаат од даноци на енергија во кои се вклучени такси на моторни горива. За споредба, еко-даноците за транспорт учествуваат со 18,9%.

Вредноста на еколошките даноци во ЕУ, во 2019 година беше околу 113 милијарди евра поголема отколку во 2002 година, како година на позначајна консолидација на поврзаното европско законодавство. Ова е индикатор за постоење на општествено прифатлив тренд во ЕУ за постепено зголемување на зелените даноци.

Влогот на владата со оваа одлука е голем и само преку ефикасно остварување на конкретни и измерливи придобивки преку строго наменско трошење на овие средства, може да ги намали политичките последици. Во крајна линија, рејтингот на владата, првенствено е битен за владата. Што се однесува до нас, доколку придонесеме за „зелена“ обнова, и истата се спроведе на транспарентен и отчетен начин, со „нулта“ толеранција за корупција, ќе победиме сите.