1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една петтина од вработените во Германија одвај преживува

ЕМФ | АРД
15 јануари 2022

Речиси една петтина од вработените со полно работно време во Германија има многу ниски плати. Најмногу се погодени жените, младите, луѓето без стручно образование и странците.

https://p.dw.com/p/45LYM
Deutschland l Arbeit schützt vor Armut nicht - Geldbeutel
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Gebert

Работа со полно работно време, а платата прениска - тоа е реалност за 18,7% од вработените со полно работно време во Германија. Според студија на фондацијата „Ханс Беклер“, која е блиска до синдикатите, за вработен со ниска плата се смета секој кој заработува помалку од 2284 евра бруто месечно. Тоа е помалку од две третини од просечната месечна бруто-плата на вработените со полно работно време во земјата.

Најголемиот дел од луѓето кои примаат ниски плати го сочинуваат жени, млади, луѓе со странски пасоши и лица без завршено стручно образование. Според студијата, во категоријата - вработени со полно работно време со ниски плати припаѓаат 25,4% од вработените жени, но само 15,4% од вработените мажи.

Што се однесува до образованието, се покажува дека од лицата кои немаат стручно образование дури 40,8% земаат ниски плати, додека тој процент кај вработените со стручно образование е 17,8%, а кај лицата со високо образование - 4,9%.

Големи разлики се забележуваат и по региони. Најголем број вработени со ниски плати има во источниот дел на Германија. Што се однесува до професиите, најмногу вработени со ниски плати има во гастрономијата (68,9%), додека најмалку вработени со ниски плати има во јавниот сектор - 2,5%. 

- повеќе: Германската амбасада во Скопје со лотарија ќе го олеснува издавањето работни визи

Во студијата на „Ханс Беклер“, меѓутоа, се вели и дека се забележува извесен напредок. Ако во 2011 година 21,1% од луѓето со полно работно време во Германија земале ниски плати, во 2020 година тоа било случај со 18,7% од вработените во оваа категорија.