1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвопролевање на годишнината од револуцијата

ЖА/дв/афп/ртре26 јануари 2014

Третата годишнина од револуцијата во Египет беше засенета со борби како во граѓанска војна. Билансот на уличните судири меѓу приврзениците на војската и нивните противници е речиси 50 загинати и над илјада приведени.

https://p.dw.com/p/1AxLL
Фотографија: DW/M. Hashem

Најмалку 49 лица загинаа во последните 24 часа од почетокот на уличните протести, што вчера (25.01.2014) избија во Каиро во текот на одбележувањето на тригодишнината од соборувањето од власта на поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак, соопшти денеска египетското Министерство за здравство.

Во соопштението се наведува дека истовремено се ранети 247 лица, додека Министерствто за внатрешни работи објави дека во текот на протестите полицијата уапсила 1.079 лица.

Судирите избија меѓу демонстрантите кои го поддржуваат соборениот исламистички претседател Мохамед Мурси и оние кои ја поддржуваат војската, која Мурси во јули минатата година го собори од власта, по само една година на чело на државата. Потоа египетските безбедносни сили покренаа остри мерки против движењето на Мурси „Муслиманско братство“, па беа уапсени илјадници исламисти, вклучувајќи го и речиси целото раководство на ова движење, а во судирите досега загинаа повеќе од 1.000 лица.

На плоштадот Тахрир беа собрани приврзениците на првиот човек на армијата, генерал Ал-Сиси, величајќи ги неговите заслуги. За време на соборениот претседател тој беше шеф на тајните служби. Се смета за речиси сигурно Ал-Сиси да биде избран за следен претседател на земјата, доколку настапи на следните избори. Многумина Египќани во него гледаат цврста рака која земјата може да ја извлече од сегашната политичка и економска криза и да и‘ го врати местото на регионална сила.