1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европратениците против враќањето на визниот режим

10 мај 2011

Претседателот на групата на Европските народни партии во Европскиот парламент, Жозеп Дол вели дека е против предлогот за времено враќање на визниот режим за Балканот. Денеска во Стразбур се расправа на оваа тема

https://p.dw.com/p/11D1k
Европскиот парламент во СтразбурФотографија: picture-alliance/ dpa

За заканите за можното укинување на слободниот визен режим за земјите од Западен Балкан, меѓу кои и за македонските граѓани, во траење од неколку седмици до неколку месеци, и за евентуалниот таков предлог на Европската комисија, во изјавата за Радио Дојче Веле, Жозеп Дол претседателот на групата на Европските народни партии е категоричен:

„Јас велам не! Се уште официјално не сум известен за таквиот предлог, за тоа ќе му поставам прашање на претседателот на Комисијата. Јас не сум во тек и сум против таквиот предлог.

EPP Präsident Joseph Daul
Претседателот на групата на Европските народни партии во Европскиот парламент, Жозеп ДолФотографија: picture-alliance/Wiktor Dabkowski

Најголемиот број од бранот луѓе кои во земјите на ЕУ, главно Белгија, Германија и Шведска, бараат статус на азиланти им припаѓаат на ромските заедници од балканските земји. Нашиот соговорник околу ова е јасен:

„Не, Ромите секогаш се движеле слободно во Европа, не може така лесно да се запре нивното движење. Нив треба да им се помогне конкретно со конкретни акции, а за тоа постојат неикористени средства во ЕУ“.

Реформи без укинување на Шенген режимот

Европскиот парламент денес расправа за механизмите за враќање на внатрешната контрола на границите меѓу земјите членки на Шенген зоната, во случај на неочекувани и интензивни миграциски притисоци. Европратениците се на мислење дека не треба да се ослаби Шенген и дека враќањето контролите на внатрешните граници треба да биде оправдано.

„Во секој случај контролите на границите на ниво на Шенген не постојат, потоа секоја земја може да врши контрола. Јас секогаш повторувам дека кога одам во Брисел често сум контролиран било на наплатните станици на автопатот или во Луксембург и тоа не ми пречи, ги покажувам моите документи и продолжувам со патот. Секоја земја може да врши конторли како што тоа го правеше порано и може и понатаму да го прави тоа“, нагласува Жозеп Дол инаку француски европратеник.

Bildserie Schwerpunktwoche Europa Wahl Europaparlament
Фотографија: DW Montage/ picture-alliance/ dpa

„Ова нема никаква врска, сега постои полемика која започнува да се воспоставува. Треба да се знае дека со Косово ние раководевме со криза во која имаше 800.000 бегалци. Денес не знам колку се тие, 50-60 000, затоа жалам што денес се отвара една таква полемика околу едно вакво прашање. Сите овие проблеми треба да бидат решени на заедничко европско ниво“, додава Дол.

Европратениците веќе подвлекоа дека одлуката за повторно воведување на граничните контроли не треба да се носи на национално ниво, како што е случај денес, тука се мисли пред се на Франција која по приливот на мигранти од Северна Африка воведе контрола на границата со Италија, по што изнуди реформа на механизмите на Шенген.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Борис Георгиевски