1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа ја поддржува прекуграничната соработка меѓу Македонија и Косово

27 април 2010

Како да се скуси патувањето од Македонија во Косово и обратно? Дали автопат меѓу Приштина и Скопје е само неостварлива визија? Договорот за меѓуграничната соработка ги отвора вратите за финансиска помош од Европа.

https://p.dw.com/p/N7uF
Садри Ферати и Муса ЏафериФотографија: DW

Газменд, од едно липковско село близу Куманово, секој ден патува до неговото работно место во Гнилане, Косово. Ова гратче географски не е многу оддалечено од неговиот дом, но, бидејќи поблиску нема пат со граничен премин, тој границата ја минува на Блаце што претставува кружење и губење време. Овој млад кумановец е само еден од многуте граѓани на двете соседни земји, кои секојдневно ги чуствуваат последиците од лошата инфраструктура.

Властите од Скопје и Приштина ќе се обидат да ја подобрат состојбата

Македонија и Косово заеднички ќе аплицираат во Брисел за проекти од интерес на двете земји. Меѓуграничната соработка функционира со сите соседи. Испланиран е и првиот македонско-косовски проект. „Да се инвестираат средства од ИПА компонентата. 1, 2 милиони евра за изградба на граничниот премин Белановце-Станчич“, изјави за Дојче веле министерот за локална самоуправа на Македонија Муса Џафери.

Flaggen Kosovo und Mazedonien

Тој и неговиот косовски колега Садри Ферати ги предводеа работните групи кои го визираа договорот за прекугранична соработка. Тој документ е услов за добивање пари од европските фондови. Европа ја поддржува и ја финансира меѓуграничната соработка, Косово и Македонија треба да одредат приоритети и да нудат проекти. Министерот Ферати вели: „Имајќи предвид дека македонско-косовската граница во поголемиот дел се протега во планински предел, прв приоритет е изградба на патишта за да се олесни комункацијата меѓу луѓето. Потоа е користење на сите природни ресурси, земјоделство, туризам. Во овој регион многу недостига зимски спортско-рекреативен центар, а во однос на тоа Шар Планина има огромен потенцијал“, вели косовскиот министер за локална самоуправа Ферати.

Сега комуникацијата меѓу двете соседни земји се оставарува само преку два гранични премина. Блаце и Јажинце.

Визијата автопат меѓу Скопје и Приштина не е неостварлива

Џафери објаснува: „Нашата влада има проект да го даде под концесија патот од Скопје до Блаце, до граничниот премин. Зависи дали косовската влада ќе влезе во проект за изградба на авотопат на косовска страна што е нужно за подинамична соработка,“ вели министерот Џафери и додава дека постоечката инфраструктура е недоволна за комуникациските и трговски релации меѓу двете земји. Ист е ставот и на гостинот од Приштина. „Не го знам точниот број на патници, но јасно е дека прометот е голем, има циркулација осебено на главниот граничен премин, Блаце. Патот од Гнилане до Куманово е долг и треба да се скуси. Со изградбата на граничниот премин не само што ќе се намали времето потребно за патување туку и ќе се растерети Блаце каде што честопати се создава метеж и луѓето чекаат“.

Македонија има договори за меѓу гранична соработка со Грција, Бугарија, Албанија и сега со Косово. За Косово ова е прв таков договор. Во наредните години од ИПА фондовите ќе се бараат пари за заеднички проекти од областа на образованието, инфраструктурата, земјоделството, културата. Министрите се оптимисти дека сумите што ќе бидат ставени на располагање ќе се зголемуваат од година во година.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска