1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа со две брзини

20 април 2018

Германија и Франција беа и се мотор на развојот во Европа. Но Ангела Меркел би можела да има проблеми да го следи темпото на Емануел Макрон, смета Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/2wNHW
Berlin PK Merkel und Präsident Emmanuel Macron
Фотографија: Getty Images/AFP/J. McDougall

Вообичаениот взаемен бакнеж во образот овојпат се случи на градилиште: Хумболт- форумот во срцето на Берлин. Колку соодветно! Во моментов се гради многу, како во Германија така и во Франција. Во Франција, меѓутоа со побрзо темпо.

Двајца различни партнери: од една страна, Ангела Меркел, која можеби сѐ уште го нема завршено нејзиното политичко животно дело, но по 12 години на власт сепак се наоѓа непосредно пред целта. Повеќе или помалку. Од друга страна, Емануел Макрон, кој штотуку започна, е полн со елан и сака во Европа, пред сѐ, една работа: поголема солидарност на богатата Германија со помалку добростоечките држави во еврозоната. Исто така и со Франција.

Меркел сака и натаму да го одредува тактот

Ангела Меркел од 2005 година ја водеше својата партија низ политичкиот центар, затвори нуклеарни централи, ја укина воената обврска. Со својата либерална политика за бегалците, таа речиси предизвика раскол во Европа и наметна цврста програма за штедење на земјите во реформи. Секогаш одново, таа укажуваше дека градилиштето Европа е главната причина за да продолжи на канцеларската функција уште четири години. Таа не би сакала да го остави зад себе континентот толку поделен. И таа сака да ги одредува тонот и тактот. Како што впрочем беше навикната подолго време.

Повеќе:

-Ќе ги следи ли мајчичка Меркел плановите на Макрон за Европа?

-Макрон бара итни реформи во ЕУ

-Макрон станува нова Меркел за Европа?

Проблемот е во тоа што Макрон има конкретна идеја за поинаква Европа, а Меркел нема. И таа тешко можеше да се пробие. Грубо кажано - Макрон сака еден вид на државно финансиско изедначување за земјите од еврозоната, како и да биде организирано. Против неговите планови има отворен отпор во партијата на Меркел - Христијанско-демократската унија (ЦДУ), па дури и од страна на германскиот министер за финансии од редовите на Социјалдемократската партија  (СПД), кој сака да го брани наследството на својот претходник - комесарот за штедење Волфганг Шојбле.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау, автор на коментарот

А канцеларката ги познава своите луѓе: Европа во последно време постојано беше тешка тема во ЦДУ и сестринската Христијанско-социјална унија (ЦСУ). Ангела Меркел секогаш  беше поподготвена за тешките теми во Европа од нејзината партија. Во 2015 година, при гласањето  во Бундестагот за пакетот помош за Грција, 63 демохристијани откажаа верност. Денес, еден таков резултат на парламентарното гласење, би значел крај за владината коалиција. Искусната канцеларка не би сакала уште еднаш да се најде во една таква ситуација. И во опозицијата, постојат две партии критички настроени кон ЕУ. Либералите (ФДП) и Алтернатива за Германија (АФД), исто така вршат притисок врз Меркел.

Новиот лидер се вика Макрон

Така акцентот се помести: Меркел, имено, мора да сфати дека нејзината моќ се намалува, кога станува збор за соработката со Франција за Европа. Мнозинство за навистина прогресивната, нова европска политика „а ла Макрон“ не може да се најде ниту во Бундестагот ниту во германското општество, кое е сѐ поскептично во однос на ЕУ. Макрон врши притисок и веќе долго чека - помалку или повеќе трпеливо, на реакција од Берлин за своите идеи за Европа. Но, Меркел долго време беше зафатена со мачното формирање на владата.

Што и да се случи во блиска иднина во ЕУ, може да се создаде впечаток дека Макрон е новиот лидер и Меркел го следи или мора да го следи или пак да одбие го стори тоа. Иднината на Европа ѝ лежи на срцето на Меркел, и таа мора да е огорчена што сега е дефинитивно помалку способна да дејствува од кога било досега. Но, можеби, се одмаздува и тоа што канцеларката не успеа еднаш и засекогаш да ги објасни своите планови за Европа - впрочем како и за сите други теми. Можеби сега е предоцна.