1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа има доволно празни куќи да ги вдоми сите бездомници

Нина Хазе/Б. Георгиевски6 март 2014

Низ земјите од ЕУ има доволно празни куќи за да се сместат сите бездомници на континентот, јавуваат британските медиуми. Критичарите велат дека куќите сѐ почесто се користат за инвестиции, наместо за домување.

https://p.dw.com/p/1BHXt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Доколку постои начин да им се отворат портите на сите куќи кои во моментов зјаат празни во земјите од ЕУ на сите бездомници, повеќе нема да има луѓе без дом. А притоа, најголемиот дел од празните домови и натаму ќе останат празни.

До тие шокантни податоци дојде британскиот весник Гардијан кој утврди дека низ ЕУ има повеќе од 11 милиони празни куќи. Според проценките на ЕУ, во земјите-членки има вкупно 4,1 милиони, што во теорија би значело дека на секој од нив би можело да му се обезбеди кров над глава.

Obdachlosen in Ungarn
Бездомници во УнгаријаФотографија: imago/Hoch Zwei/Angerer

Четири милиони празни домови во Шпанија

Според анализите на Гардијан, 1,8 милиони куќи се празни во Германија. Најлоша е состојбата во Шпанија каде околу 3,4 милиони куќи или 14 проценти од сите недвижности во земјата, се празни. Бројот на празни домови во Шпанија во последната деценија порасна за 10 проценти. Два милиони куќи се празни во Италија, и околу 700 илјади во Британија.

Според весникот, голем дел од овие куќи биле изградени за време на градежниот бум во пресрет на економската криза, често како инвестиции на луѓе кои никогаш и не планирале да живеат во нив. Постојат голем број објекти за одмор во јужна Европа кои никогаш не биле вселени, бидејќи не можеле да бидат продадени по почетокот на кризата. Притоа, стотици илјади недовршени згради биле урнати затоа што ја уривале цената на постоечките.

Карима Дели, пратеничка во Европскиот парламент од редот на француските Зелени, вели дека бројките се шокантни и непристојни. „Но тие воопшто не ме изненадуваат. За жал, проблемот со празните куќи во сопственост на банките е широко распространет, а земјите кои беа тешко погодени од кризата, како Шпанија, се најтешко погодени“, вели Дели. Пред да стане политичар, Дели била активист во група која се вселувала во празни куќи со цел да го привлече вниманието на медиумите кон проблемот. Само во Париз има околу 200 илјади празни куќи, и околу 2 милиони во цела Франција.

Казни за шпекулантите

Михаел Цил од германската интернет страница Leerstandsmelder.de, на која корисниците можат да пријавуваат празни објекти, смета дека треба да се воведат казни за сопствениците чиј имот подолго време зјае празен. „Треба да се размисли за казни за сопствениците каде животниот простор е ограничен, или евентуално да се воведе дополнителен данок. Во моментов е обратно: сопствениците на недвижностите добиваат попусти во форма на даночни олеснувања и сл.“ Проектот на Цил започна во 2010. година, и оттогаш се рашири во повеќе од 20 градови низ Германија, Австрија и Швајцарија. „Проблемот со празните куќи е во тоа што не постои база на податоци, затоа што тие не се регистрираат никаде“.

Spanien Zwangsräumungen Proteste
Околу 500 илјади Шпанци биле избркани од своите домови за време на економската кризаФотографија: AP

Во Хамбург има околу три илјади празни станови, и уште поголем број на празни канцелариски згради. Најмалку 1,2 милиони квадратни километри канцелариски простор во моментот е празен. „Доколку пресметате, тоа е простор за околу 40 илјади луѓе. Хамбург е град кој расте, и тоа го прави атрактивен за инвеститорите во недвижнини кои сакаат да шпекулираат. Тоа објаснува зошто имаме толку многу празни згради“, вели Цил.

Пратеничката на Зелените, Дели верува дека е крајно време да се застане на патот на богатите шпекуланти кои станови ги користат како „инвестициски средства“ наместо како домови. „Куќите се разликуваат од другите комерцијални добра. Домувањето е основно право: да се живее достоинствено“, вели Дели. Таа смета дека е потребна изградба на повеќе социјални домови. На тој начин, смета Дели, со еден удар „се убиваат две муви“. „Се отвораат работни места во градежниот сектор, а социјалните домови ќе помогнат да се излезе од кризата“.