1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа и Ербасот на шини

Андреас Бекер
28 септември 2017

Францускиот претседател држи говор за Европа и речиси истовремено Сименс и Алстом ги објавуваат нивните планови за фузионирање. Тоа не е коинциденција, смета Андреас Бекер.

https://p.dw.com/p/2ksHG
ICE 3 im Bahnhof St. Pancras International in London
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Силна Европа во светот" бараше претседателот на Франција Емануел Макрон во говорот во вторникот. Тајмингот беше добро калкулиран - кратко по изборите во Германија, но пред почетокот на коалициските преговори. Макрон се обиде европските теми да ги задржи на агендата, со оглед и на изборните резултати во Германија, каде националистите значително ја зголемија поддршката од народот.

Повеќе пати Макрон и директно им се обрати на Германците, меѓу другото и со следнава реченица: „Зошто не би си ја поставиле целта двата пазара до 2024-та целосно да ги интегрираме и за нашите компании да ги применуваме истите правила, од трговско право до стечај?" „Ние можеме", рече Макрон, „да дадеме германско-француски импулс, решително и конкретно".

Зелено светло од канцеларката и од Елисејската палата

Колку решително и колку конкретно стана јасно кратко по говорот кога Сименс и Алстом соопштија дека ќе фузионирааат во делот на железницата за да создадат европски железнички концерн кој ќе има шанси против конкуренцијата од Кина.

Вакви планови ниту кај Сименс, ниту кај Алстом се можни без политичка согласност. Француските медиуми јавуваат дека Париз за случајот неодамна испратил "амбасадор" во Берлин за да ја дебатираат темата.

Економски фузионирањето има смисла. Кој сака да опстои во глобализира имот бизнис со подземна железница, регионални и брзи возови мора да ја поседува соодветната финансиска моќ. Кинескиот гигант ЦРРЦ кој во 2015-та произлезе од двата водечки производители во земјата, има годишен обрт од 30 милијарди евра и е светски број еден во браншата. По фузионирањето Сименс-Алстом би дошле до половина од таа сума, малку пред Бомбардие од Канада.

Becker Andreas Kommentarbild App
Андреас Бекер

Заеднички против моќните Кинези

Водечките брендови ИЦЕ на Сименс и ТГВ на Алстом и онака тенко стојат на пазарот. Кина вложува многу пари во градењето на инфраструктурата, а возовите на Фуксинг возат со 350 км/час меѓу Пекинг и Шангај, значително побрзо отколку европската конкуренција. Прашање е на време кога кинеските возови ќе можат да функционираат комплетно без европска технологија, а дотолку повеќе да се борат за европскиот внатрешен пазар.

Светскиот пазар за возови ќе се развива слично како и авиоиндустријата: малкумина големи производители го доминираат бизнисот. Благодарение на европскиот производител Ербас, во основа германско-француски проект, сѐ уште има конкуренција во воздухот. Што се однесува до железницата, Сименс-Алстом би можел слично да влијае.

Сименс-Алстом ќе го води Французин, но мнозинството акции ги задржува Сименс. Тоа може да се сфати и како излегување во пресрет од страна на Макрон. До пред само неколку години на француската политика ќе и беше поважно да си ги штити „националните шампиони".

Најавеното фузионирање на Сименс и Алстом ни покажува две нешта: Емануел Макрон е сериозен со неговото барање за повеќе европска интеграција. Другото, не помалку битно, е тоа што Европејците на глобално ниво имаат само една шанса, ако настапуваат заеднички.