1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа и договорот со Иран: Натаму без САД?

Матијас фон Хајн
8 мај 2018

Доналд Трамп носи одлука за иднината на договорот со Иран. ЕУ мора да размисли како со Техеран би можел да се одржи евентуално оштетениот атомски договор. Како изгледа можниот план Б?

https://p.dw.com/p/2xMfh
Belgien EU-Gipfel  | Macron, May und Merkel
Фотографија: picture alliance/AP Photo/F. Lenoir

„Европа нема план Б“, тврдеше францускиот претседател Емануел Макрон неодамна во Вашингтон, кога го рекламираше нуклеарниот договор со Иран. Сепак, познато е дека во политиката за план Б не се зборува дури и кога таков постои. Оттука, не е изненадување кога дипломати и политичари не сакаат јавно да се произнесат околу можностите за спас на договорот со Иран без САД.

Договорот со Иран формално се вика „Заеднички широк план за акција“, накусо ЈЦПОА. Ели Геранмајех од тинк-тенкот „Европски совет за меѓународни односи“ повеќе од една година аргументира дека Европа би можела заедно со останатите страни од договорот - покрај Иран, учествуваат и Русија и Кина - да го спаси атомскиот договор, дури и ако САД се откажат од него. Се разбира, Геранмајех во разговор за ДВ признава дека би било многу потешко договорот да се спроведува без САД. „За такво нешто е потребно многу политичка волја и креативно размислување.“

Повеќе: Укинување на Атомскиот договор: кои се опциите на Техеран

Главен елемент - лиферување нафта

ЈЦПОА е составен на 159 страници и содржи голем број технички детали. Во суштина, меѓутоа, главна е една едноставна мисла - Иран ја ограничува својата атомска програма и дозволува опширни контроли, а за возврат се ослободува од најголемиот дел од санкциите воведени поради атомските интенции. За експертката за Иран, Геранмајех, затоа е јасно дека ако Иран и натаму треба да се држи до главните елементи на договорот, Техеран треба да добие натамошни економски поттици. Притоа, би требало пред сѐ да се констатира дека „иранското доставување нафта и енергија на Европа ќе биде можно и натаму. Доколку биде блокирано поради секундарни санкции предизвикани од потегот на САД, тоа би предизвикало шок за иранската економија.“

Таканаречените секундарни санкции не ги казнуваат американските или иранските претпријатија, туку се однесуваат на фирми од други земји, како на пример ЕУ-државите. Одлуката на претседателот Трамп за повторно воведување санкции би го погодило иранскиот извоз на нафта и енергија. Дека ваквите санкции се болни, Иранците искусија веќе меѓу 2012 и 2015 година. Во овој период извозот на нафта се преполови. Во меѓувреме извозот на нафта е повторно речиси на нивото пред воведувањето санкции.

Straße von Hormus Öltanker
Експертката за Иран, Ели Геранмајех, бара: доставувањето нафта мора да продолжиФотографија: picture-alliance/dpa

Спојување на иницијативи

Нејсан Рафати од „Кризна група“ има предлози како да се заобиколат секундарните санкции или барем како да се ублажат. Во интервју за ДВ Рафати потсетува на примерите од Франција и Италија. Таму се развиени механизми за бизнисите со Иран да се финансираат од државни финансиски институции. Рафати предлага „овие индивидуални иницијативи на повеќе одделни држави да се систематизираат и спојат. Со тоа зделките дозволени со ЈЦПОА би добиле поттик - или преку координација меѓу различните влади, или на ниво на ЕУ.“

Повеќе: Раскинување на нуклеарниот договор со Иран - главоболки за германската економија

Освен тоа, Европејците би требало јасно да објаснат дека се чувствуваат обврзани кон ЈЦПОА, сѐ додека и Иран се држи до него. Покрај тоа, европските партнери во договорот со Иран - значи Германија, Франција, Велика Британија, мора да покажат дека „можат да размислуваат креативно за начинот на кој можат да се минимизираат ризиците од американските санкции и како на своите претпријатија да им дадат сигурност во бизнисот со Иран“, бара Рафати. Ваквата комбинација од изразување политичка волја и економски потези би можела на Иранците да им сигнализира: „Повторното воведување американски санкции не значи дека вашата страна од договорот ќе биде запоставена.“

Flagge EU Iran
ЕУ мора на Иран да му испрати јасен сигнал, бара експертот Нејсан РафатиФотографија: Getty Images/AFP/E. Dunand

Истражувачот во сферата на санкции Саша Ломан е скептичен околу ваквите предлози. Ломан, кој во моментов работи на Универзитетот Харвард, во разговор за ДВ објаснува: „Со оглед на асиметријата на моќ во економскиот однос на САД и европските претпријатија, ќе биде во основа тешко на Иран да му се понуди нешто супстанцијално. Затоа што, на пример, големите банки не може да бидат принудени да прават одредени зделки со Иран. Тие секогаш повеќе би се држеле до американските санкции, затоа што подлежат под американска јурисдикција во случај кога користат долари.“ Отежнувачка околност е и тоа што повеќе европски банки во минатото веќе мораа да платат значителни казни за наводни повреди на санкциите.