1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа за финансиската криза

2 октомври 2008

Како Европа треба да реагира на кризата и дали ќе успее да излезе од неа, без Франција и Германија уште еднаш да се раскараат – ова се аспектите од кои неколку европски весници ја разгледуваат финансиска криза во Америка

https://p.dw.com/p/FT2R

Американскиот Сенат го изгласа пакетот-мерки за спасување на американските банки, но дали со тоа клопчето е размрсено? Како финансиската криза се одразува на Американците, но и на целиот свет? Како Европа треба да реагира на кризата и дали ќе успее да излезе од неа, без Франција и Германија уште еднаш да се раскараат – ова се аспектите од кои неколку европски весници ја разгледуваат темата: финансиска криза во Америка.

Холандскиот весник Тру го опишува расположението во САД за време на финансиската криза со зборовите на еден поранешен американски претседател:

„Роналд Реган постојано се шегуваше. Тој раскажуваше дека најстрашните зборови за еден Американец биле: ’Јас сум од Владата и носам помош’“– пишува весникот. „Во меѓувреме работите се сменија, па сега може да се каже: ’Јас сум од Владата, но ни јас не знам што да правам’. Политичарите во Вашингтон ги согледаа последиците од тоа што САД стана ’нација на акционери’. Избирачите бараат работа, ниски даноци, сопствена куќа, чија вредност постојано расте, за да не мораат да ги откажат хипотеките“ - констатира Тру и заклучува: „Згора на се`, има и Влада што помага.“

Римскиот весник Ла Република, пак, смета дека денешната криза не настанала одеднаш, туку дека е резултат на грешките што почнале да се прават уште во 20-тиот век.

„Во вителот на кризата не изгореа само финансиите, банките или берзите. Без сомнение, заедно со банките пропадна и еден дел од модерниот стил на живеење. Тоа не` погодува сите, без разлика каде живееме“ – критикува Ла Република и додава: „Кризата на Вол Стрит не ја погодува само Америка, туку целиот Запад. Денес излегуваат на виделина сите политички, економски и културни пропусти, што настанале уште во 20-иот век. Може да ни се чини дека кризата почна да се разрешува, но, всушност, далеку сме од тоа“ – заклучува римскиот весник Ла Република.

Les Dernieres Nouvelles d’Alsac (DNA) од Стразбур ја коментира кризата од европски аспект. Весникот вели дека е крајно време да се скршат економските догми и дека ЕУ треба да интервенира.

„Со оглед на кризата, вели весникот, време е да се преземе одговорност на ниво на ЕУ, бидејќи таа е рамката за националните економии. Време е да се скршат догмите, што веќе прераснаа во религија што не признава ’еретици’. Еден таков ’еретик’ е било какво минимално надгледување на ’слободниот пазар’ во Европа – ја објаснува весникот својата компарација и потсетува: „Колку претпријатија пропаднаа, колку работни места се изгубија затоа што Европската комисија во Брисел им забрани на државните институции во земјите-членки да даваат “финансиски инјекции“. Се` со аргументот дека пазарот мора сам да се регулира“ – пишува ДНА.

И париски Ла Трибун и` посветува внимание на финансиската криза, но се осврнува на германско-француските разлики за тоа како Европа треба да реагира на неа.

„Точно е, финансиската криза ги истакнува хендикепите на стариот континент“ – смета весникот и продолжува: „Европа е доволно интегрирана за да ги споделува проблемите. Но, не е доволно интегрирана кога треба да се донесат заеднички решенија во итни случаи. Препирките на Германија и Франција околу планот за спасување во висина од 300 милијарди евра уште еднаш покажува колкави се разликите“ – потенцира Ла Трибун. Весникот смета дека оваа невообичаена криза нема да помине без уште еднаш да ги нагласи слабостите на ЕУ. Резултатот на сето тоа би бил следниов: „Кризата или ќе и` даде нов правец на европската интеграција и ќе помогне да се надминат слабостите, констатира Ла Трибун, или уште толку ќе ги потенцира разликите меѓу државите. Унијата е ставена на тест“ – заклучува весникот.