1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драмата во Тајланд и потрагата по сочувство

Инес Пол
9 јули 2018

Целиот свет го следи спасувањето на 12 момчиња од пештерата во Тајланд. Оваа состојба говори многу за времето во кое живееме, кое се заканува да се задуши во цинизам, смета Инес Пол.

https://p.dw.com/p/313eA
Thailand Höhle | Rettungsaktion Jugendliche
Фотографија: Getty Images/L. DeCicca

Што е толку специјално кај овие 12 момчиња и нивниот фудбалски тренер што ги убеди милионите луѓе ширум светот да го следат нивното спасување преку телевизијата или телефоните? Дали е тоа затоа што сакаме да покажеме солидарност со нивните родители и спасувачките екипи во трката со времето и дождот? Се прашуваме: дали е подобро да се ризикува операција за спасување сега, или да се почека да заврши монсунската сезона? Но можат ли момчињата и нивниот тренер да преживеат толку долго во пештерата, дури и доколку ги снабдат со сите потрепштини однадвор?

Секако, токму сликите од пештерата имаат најголемо влијание врз нас. Фотографиите и видео-клиповите снимени од спасувачките екипи ни даваат чувство дека сме блиску до она што се случува. Кој не е погоден од писмата на момчињата до нивните родители во кои ја изразуваат не само својата љубов, туку и своите желби откако ќе бидат ослободени? Еден од младите фудбалери кој две недели е заглавен во пештерата сака да оди на скара откако ќе излезе и му кажа на светот за тоа. Невиноста на овие момчиња нѐ потресува. Но и многу повеќе од тоа.

И момчињата и девојчињата кои бегаат од урнатините на бомбардираните куќи исто така се невини. Сириските бегалци кои се дават во Средоземното Море не згрешиле ништо никому. Истото може да се каже за децата тренирани да станат војници од кроволочните милиции и не разбираат што им се случува.

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес ПолФотографија: DW/P. Böll

Некои велат дека ваквите настани ги следи одреден воајеризам. Благодарение на модерните медиуми и огромниот број известувачи од секој дел на светот, можеме да го следиме секојдневието на момчињата како да сме таму. Известувањето во живо од катастрофи секако дека им служи на ниските инстинкти.
Но не е доволно како објаснување.

Нема место за цинизам

Едноставниот факт е дека во вакви ситуации сакаме да има само победници. Ваквите ситуации не оставаат простор за цинизам. Никој сега не може да каже „сигурно не можеме да ги прифатиме сите“, како што често се слуша во европската миграциска дебата. Никој не тврди дека родителите самите се виновни за катастрофата на нивните деца кога се обидуваат да побегнат преку Средоземното Море, затоа што се економски мигранти, а не вистински баратели на азил.

Тајланд: Момчињата чекаат спас во поплавената пештера

Во Тајланд, 12 момчиња се соочени со само еден непријател: водата. Оваа јасност објаснува зошто целиот свет се обедини околу ова искушение. Тоа е јасност која не остава простор за цинизам околу тоа кој има повеќе право на добар живот.

Мојата желба е овие нервозни часови на исчекување, надеж и сочувство да изградат нешто што го надминува едноставното медиумско шоу - нешто повеќе од добро чувство по среќниот крај - туку сфаќање дека на крајот секогаш се работи за поединци кои не си ја бираат сопствената судбина.