1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Донесен законот за финансирање на партиите

28 јули 2009

Македонскиот парламент ги усвои измените и дополнувањата на Законот за финансирање на политичките партии, првиот од трите закони кои беа посочени од еврокомесарот Рен, како услов за добивење позитивен извештај од ЕК.

https://p.dw.com/p/Iynz
Фотографија: Petar Stojanovski
Измените беа донесени едногласно со 68 гласа „за“, според договорот што претходно беше постигнат меѓу политичките партии.

Македонија пред заклучувањето на есенскиот извештај на 15 септември треба да ги донесе и Законот за Собрание и измените и дополнувањата на Законот за државни службеници. Според најавите од Брисел, Македонија во октомврискиот извештај за напредокот на земјата има реални шанси да добие препорака за почеток на преговорите за влез во Унијата.

Измените на Законот за финансирање на политичките партии се во насока на обезбедување транспарентност во финансирање на политичките партии, изворите на финансирање, систем на контроли, вклучување на донации и нивните извори, механизми за објавување на извештаите и спроведување на активности како последица од извештаите и предвидување построги казни.

Се предвидува ако висината на донацијата е поголема од износот утврден во Законот, политичката партија да мора најдоцна во рок од 15 дена разликата да ја врати на донаторот. Доколку не може да се утврди потеклото на донацијата, овие средства во рок од 15 дена треба да ги префрли на Буџетот на Република Македонија.

Доколку одговорното лице за финансиско работење на политичката партија најдоцна во рок од 15 дена не ја врати разликата меѓу дозволената и донираната вредност на донацијата, на донаторот ќе му се изрече глоба од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност. Глоба од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе и‘ се изрече и на политичката партија. На лицето одговорно за финансиско работење на политичката партија, која во рок од 15 дена од денот на добивањето на донацијата, чие потекло не може да се утврди, не ја префрли во Буџетот на Република Македонија, ќе му се изрече глоба од 1.000 до 1.500 евра. За истиот прекршок политичката партија ќе треба да плати од 2.500 до 5.000 евра.

Доколку партијата јавно не го објави годишниот финансиски извештај на својата веб-страница и во најмалку во еден од дневните весници, ќе и‘ се изрече глоба од 2.500 до 5.000 евра. Исто така, се воспоставува обврска Државниот завод за ревизија и Министерството за финансии на својата веб-страница да ги објавуваат ревизорските извештаи за политичките партии каде е извршена ревизијата.

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: Трајче Тосев