1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп ја насетува својата шанса

Александра фон Намен
14 декември 2019

Злоупотреба на службената положба и попречување на Конгресот - така гласи обвинението на Демократите против американскиот претседател. А тој сака постапката да ја сврти против противниците, смета Александра фон Намен.

https://p.dw.com/p/3UhKI
Donald Trump Announces His Candidacy For Second Presidential Term
Фотографија: Getty Images

„И Вие ли чекате да го видите папата?”, се шегува еден колега додека фаќа место во редицата. И навистина Божиќниот прием на кој Ненси Пелоси ги покани сите акредитирани новинари во Конгресот, потсетуваше на аудиенција кај папата. Се чекаше трпеливо, а претседателката на Долниот дом и засега најголем противник на Трамп си даде доста време за поздравување и „смол-ток” со новинарите. Мала шега со еден, неофицијална забелешка кај друг и секако наздравување во име на слободата на медиумите: со чаша вода.

Трезвено и умешно демократката ја води нејзината фракција во бурни, би се рекло дури и историски времиња. Таа ја покрена постапката за импичмент и сега дозволи и да се формулира обвинувањето против Доналд Трамп. Со сериозен израз на лицето и одлучен глас Ненси Пелоси и претседателите на ресорните комисии, Адам Шиф и Џеролд Надлер, во вторникот пред медиумите од главниот град појаснија дека од нивна гледна точка доказите за погрешно постапување на претседателот се „силни и неоспорни”, односно доказите за злоупотреба во украинската афера и попречувањето на Конгресот.

Подарок за претседателот

Само еден час подоцна Ненси Пелоси повторно застана пред камерите. Нејзината порака овој пат беше помирувачка. По долга кавга со Републиканците, Демократите се подготвени да го одобрат трговскиот договор кој владата на Трамп го преговараше со Мексико и Канада. Во него се зајакнувала заштитата на американските работници. Понекој критичар на Трамп веројатно не си верувал на ушите, но не е фата моргана: истиот ден кога Демократите го претставија обвинувањето против американскиот претседател, истовремено му подарија голема политичка победа.

Со зборовите „Одлично за нашата земја!”, Трамп ја прослави одлуката на Твитер. Подоцна на предизборен собир во Херши во сојузната држава Пенсилванија се фалеше дека ги исполнува своите предизборни ветувања: „Бидете среќни што сум ви јас претседател”, извикуваше пред насобраната толпа. Демократите се согласиле со договорот само зашто сакале да одвлечат внимание од „глупавата” постапка за импичмент од која се срамеле, тврдеше тој, подбивајќи се и уживајќи во аплаузот на неговите поддржувачи.

Washington Demokraten Stellen Impeachment Anklage vor
Демократите обкаснија зошто се покренува постапка за отповикување на ТрампФотографија: Imago Images/Zuma

Култната фигура Трамп

Митинзите на Трамп потсетуваат на рок концерти. Фановите уште од рано чекаат ред пред местата на одржување. Многу од нив носат капчиња или костими кои сами си ги направиле и на кои пишува „Да ја направиме Америка повторно голема“. Пристигнувајќи во арените или концертните сали, рок и поп музиката која свири ги држи во добро расположение исто како и „предгрупите“ – како што е синот на Трамп, Дон Јуниор или некој висок по ранг локален политичар.

Расположението достигнува кулминација кога Доналд Трамп – нивната ѕвезда – ќе се појави на бината. И додека тој и` се потсмева на „нервозната“ Ненси Пелози или на „итроштините“ на Адам Шиф, држи тиради против „заспаниот“ Џо Бајден и „корумпираните“ демократи, и општо зборувајќи против мигрантите, агентите на ФБИ и неистомислениците, насобраните мажи и жени се` погласно извикуваат – „Те сакаме!„

Автогол?

Може да се претпостави дека моќната политичарка Ненси Пелози е сосем свесна каква би била реакцијата на Трамп во однос на компромисот за трговскиот договор. Како и да е, таа смета дека е поважно на Американците да им се покаже дека и покрај импичментот, Демократите остануваат способни да работат и се подготвени на компромиси, како и дека тие ги застапуваат интересите на американските работници. Веројатно таа исто така мисли и на демократските конгресмени кои се залагаат за реизбор во упориштата на Трамп за изборите во 2020, да покажат и нешто повеќе од само отпор против претседателот. Но нејзините пресметки може да значат автогол за Демократите.

von Nahmen Alexandra Kommentarbild App
Александра фон Намен

Се очекува Претставничкиот дом во следните недели да гласа по однос на обвниненијата. Мнозинство против Трамп се смета за извесно. Но, тоа е познато за првата фаза. Потоа процесот продолжува во Сенатот, во кој мнозинство имаат Републиканците. Во овој момент се чини дека и Доналд Трамп стрепти за овој момент.

Повеќе: 

Импичмент: Стратегијата за одбрана на Трамп изобилува со трикови

Трамп е скандалозен – но, кому му е грижа?

Демократите го обвинуваат Трамп за „ужасен“ напад

Валкана борба

Валкано судење против неистомислениците – тоа очигледно е она за кое размислува. Би сакал, не тој туку неговите тужители и бројни придружни ликови да седнат на клупата за сведоци. На пример, Хантер Бајден, синот на Џо Бајден, кој го обвинува Доналд Трамп за корупција во Украина. Тој нема ништо директно со постапката против претседателот, но би им помогнал на Републиканците како сведок, за да се сврти вниманието од обвинувањата против Трамп, а истовремено да му наштети на потенцијалниот кандидат за претседател на демократите, Џо Бајден.

Нејасно е дали тоа ќе се случи. Лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич МекКормел, засега е против оваа идеја. Но, според искуството, Републиканците често попуштаат пред желбите и каприците на нивниот претседател. Може да се случи на крајот постапката за импичмент на Доналд Трамп повеќе да му оди во прилог отколку да му наштети. Сѐ е можно во ерата Трамп.