1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Втора трансплантација на срце кај 27-годишно момче

ЕМФ | МИА
17 април 2021

На Клиниката за кардиологија во Скопје ноќеска е извршена втора трансплантација на срце. Операцијата е успешна, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

https://p.dw.com/p/3s9jt
Symbolbild Herz-Operation
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

„Срцето е прифатено, пациентот постепено се буди“, изјави за МИА министерот за здравство Венко Филипче, по трансплантацијата на срце кај 27-годишно момче од девојка-донор на слична возраст, која починала како последица на сообраќајна несреќа.

Новото донирано срце, според Филипче, кај момчето зачукало во 3 часот и 33 минути изутринава.

„Ова е втора извршена трансплантација на срце во историјата на државата, на Клиниката за кардиохирургија. Честитки до сите колеги и благодарност до целиот тим кој во текот на целата вечер неуморно работеше. Ова е огромен успех на македонското здравство, кој немаше да биде возможен без согласноста за донирање органи од семејството на младата пациентка која прерано го загуби животот. Горд сум на моите колеги“, напиша министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил.

Тој објави и фотографија на која е прикажан лекарскиот тим кој ѝ се поклоува на младата девојка, чие семејство одлучи да ги донира нејзините органи. Филипче напиша:

„Историска фотографија, докторите ѝ се поклонуваат на младата девојка чие семејство одлучи да ги донира нејзините органи. Нејзиниот млад живот трагично згасна, но нејзиното срце спаси друг млад живот. Нема зборови со кои може да се искаже благодарноста кон семејство. Нема зборови со кои може да се опише алтруизмот и големината на чинот на органодарителство. Во моменти на длабока тага да се донесе одлука за донирање на органите на блиските е дефиниција за хуманост.“

Според македонскиот министер за здравство, постои потенцијал за уште една трансплантација.

„Денеска за жал кај нас има млада почината пациентка, има согласност за донација на органи од семејството и сега се прават проверки и во однос ХЛА типизацијата за тоа дали може да се направи трансплантација и на срцето и на бубрезите. Ако се најдат соодветни реципиенти, во текот на денешниот ден сѐ ќе се заврши“, рече вчера Филипче.

Повеќе: Д-р Ирена Бушљетиќ: Највисок чин на човекољубие е да се дарува орган

Ова е втора трансплантација на срце во државата.

ПовеќеУспешна прва трансплантација на срце во македонска болница

Првата беше извршена во мај минатата година кај 53-годишен пациент, а донор беше 43-годишна жена почината во сообраќајка.