1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доживотен затвор за предизвикување сообраќајка со жртва

Зоран Арбутина
14 март 2017

Германија е автомобилска нација. Тука е патентиран првиот автомобил, тука се наоѓаат некои од најуспешните светски производители на автомобили. И тука сега една сообраќајна несреќа е прогласена за убиство со предумисла.

https://p.dw.com/p/2Z9S5
Deutschland Illegales Autorennen in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Пешаци кои ноќе стојат на семафор и чекаат да им се запали зелено светло, иако на видикот нема ниту еден автомобил - таква сцена недвосмислено укажува на тоа дека се наоѓате во Германија. Во сите анкети во кои странците оценуваат што е „типично германски“, стоењето на празна раскрсница среде ноќ редовно се наоѓа на врвот на топ листата. Во тоа трпеливо чекање се собрани различни карактеристики на она што се нарекува германски начин на размислување и живот: увереност дека дисциплината е доблест која треба секогаш одново да се потврдува, стриктно, понекогаш и слепо почитување на важечките прописи, закони и начела на општиот ред, длабоко всадено уверување дека сѐ што правиме секогаш мора да може да влезе во категоријата - правила важечки за сите.

Кога трпеливиот Германец на некој странец му објаснува зошто мора да се чека на црвено светло, аргументот е секогаш ист: што би било кога сите во сообраќајот би правеле што сакаат и не би ги почитувале сообраќајните правила? „Во Франција црвеното светло на семафор значи: мора да бидам повнимателен при преминување на улицата отколку кога е зелено. Французите се навикнати на тоа спогодбено да ги регулираат односите. Ние Германците ги почитуваме правилата. Тоа се два различни система и двата функционираат“, вели сообраќајниот психолог Јерг-Михаел Зон во интервју за магазинот „Шпигел“. Тоа го потврдуваат и статистичките податоци: бројот на загинати во сообраќајот во Германија во 2015 година е 43 смртни случаи на милион жители, што е значително под просекот на ЕУ (57).

Deutschland Ampelmännchen Ost
Во Германија пешаците и ноќе чекаат да се вклучи зелено, дури и ако на видик никаде нема возилоФотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Жртви: недолжни минувачи

Можеби токму како спротивност на раширениот и доминантен начин на размислување и однесување, во сообраќајот на германските улици во последните години се шири феноменот на илегални трки по градските улици. Најчесто станува збор за т.н. спонтани трки: на некој семафор случајно истовремено се наоѓаат двајца возачи и со поглед се договараат за трка. Кога ќе се вклучи зелено, даваат гас до крај. Победник е оној кој прв ќе стигне до наредниот семафор. Понекогаш станува збор и за однапред договорени трки на дефинирана делница. Таквите трки по правило вклучуваат и игнорирање на пешачките премини, како и минување на црвено светло, без оглед на последиците.

Досега, учеството во такви илегални трки во Германија се третираше како сообраќаен прекршок, а предвидените казни беа повеќе од благи. За организирање и учество во такви трки предвидени се казни од 400 до 500 евра и одземање на возачката дозвола за период од најмногу еден месец. Доколку притоа настане материјална штета или се повредени луѓе, тоа се третираше како секоја нормална сообраќајна незгода.

Но во последно време свеста за опасноста од илегални трки почна да се менува. Минатата есен во германскиот парламент се расправаше за нацрт законот со кој учеството во илегални трки по градските улици во иднина не би се третирало како прекршок, туку како кривично дело - без оглед дали е причинета материјална штета, односно дали е некој повреден или не.

Berlin Urteil im Prozess um ein illegales tödliches Autorennen
Во Берлин е донесена историска пресуда против двајца учесници во илегална тркаФотографија: picture alliance/dpa/G. Fischer

Историска пресуда

Но, пресвртница во санкционирањето секако претставува неодамнешната пресуда на судот во Берлин: на 27 февруари двајца учесници во една илегална трка, во која загина еден возач кој случајно им се нашол на пат на тркачите, се осудени на доживотен затвор поради убиство. Еден месец претходно Хамди Х. (24) и Марвин Н. (27), познати од порано по своето брзо и безобѕирно возење, ноќната трка ја почнале во центарот на Берлин. Еден бил зад управувачот на Ауди 6 со 225 коњски сили, а другиот возел Мерцедес ЦЛА 45 АМГ со 381 коњски сили. Пред местото на несреќата минале 13 семафори, од кои поголемиот дел бил на црвено. А тогаш дошол уште еден семафор со црвено светло. Хамид Х. додал гас и со брзина од 160 километри на час се забил во автомобилот на Михаел В. кој загинал на лице место.

„Жртвата немала никава шанса“, констатираше во своето излагање обвинителот Кристијан Фрелих во текот на судењето. Според него, двајцата возачи морале да бидат свесни дека има можност да настрада некој недолжен. Ризикот им бил познат. Тоа значи дека дејствувале со намера, и тоа од ниски побуди - за јакнење на своето его. Автомобилите за нив биле клучен елемент за изградба на сопствениот идентитет и за да се добие чувство на важност. Според мислењето на Фрелих, возачите ги користеле своите возила како оружје.

Таквата агрументација беше прифатена и од страна на судот. Поради тоа обвинетите се осудени за убиство со предумисла. Добија доживотен затвор. Пресудата сѐ уште не е правосилна и многу правници веќе изразија уверување дека во ревизиската постапка таа нема да биде потврдена. И покрај сѐ, станува збор за историска одлука: никогаш порано во Германија учесник во илегална трка не е осуден за убиство.