1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор за името - чувствата и натаму поделени

5 април 2019

Договорот од Преспа официјално му стави крај на деценискиот спор за името помеѓу Грција и Атина. Но Тери Шулц во Скопје забележа дека интерната дискусија ни оддалеку не е завршена.

https://p.dw.com/p/3GFL6
Griechenland Nord-Mazedonien Regierungskonsultationen in Skopje
Фотографија: Regierung der Republik Nord-Mazedonien

Во Република Северна Македонија повеќето луѓе сѐ уште се обидуваат да се навикнат на користењето на новото име на државата, најочигледната отстапка на Скопје за да му стави крај на 27-годишниот спор со Грција и за конечно да влезе во НАТО и во ЕУ. Меѓутоа не се обидуваат баш сите.

Меѓу нив е и Мартин Треневски, поранешен македонски дипломат, кој беше амбасадор на својата земја во Шведска, Канада и во НАТО, кога таа уште беше привремено нарекувана „Поранешна југословенска република Македонија“ или ФИРОМ. Треневски замина во пензија пред актуелната влада да го прифати Преспанскиот договор и одбива да се придржува до промената на името. Тој вели дека никогаш нема да го користи името „Северна Македонија“: „За среќа јас сум пензионер, така што не морам, а и не сакам“, вели Треневски за ДВ.

На другиот крај од трпезариската маса неговата сопруга ниша со главата. Василка Попоска беше амбасадор во Австрија кога договорот од Преспа беше во финалната фаза на преговори, кои честопати беа одржувани токму таму, во Виена, а таа ги организираше средбите. Таа вели дека ја чувствувала тензијата и притисокот и истакнува дека меѓународната заедница им ставила јасно до знаење на двете страни: „Сега или никогаш, ако сакате да продолжи нашата поддршка“. Попоска е убедена дека тоа била исправна одлука.

„Не постоеше друг начин, со сигурност. Видов дека не беше лесно за двете страна, за Грците, а исто така и за нашата страна. Беа тоа тешки разговори и долго време, уверена сум, никој не беше среќен со нив. Но знаевме дека мора да го направиме тоа“

Таа исто така не е воодушевена од промената на името, но може да живее со тоа. „Можеби сум попрагматична. 'Северна Македонија' за мене не е толку лошо решение.“

Martin Trenevski und Vasilka Poposka, Botschafter Nord-Mazedonien in Wien
Мартин Треневски и Василка ПопоскаФотографија: privat

Повеќе од само името

Но со Преспанскиот договор не се промени само името. Националните споменици ќе добијат нови табли кои ќе појаснуваат дека има разлики во мислењата за историјата... на пример, за Александар Велики, на кого право полагаат и Грција и Северна Македонија. Неговото име е отстрането од аеродромот во Скопје. Договорот исто така предвидува Сонцето од Вергина да не може официјално да се користи во јавноста. Заедничка комисија пак ќе ги преиспита учебниците и останатите официјални документи за да види што треба да биде променето.

Тоа е многу болно за Мартин Треневски. Тој одмавнува со раката во неговиот дом во центарот на Скопје. Поранешниот новинар и автор на неколку историски книги, смета дека Договорот од Преспа со бараните измени едноставно брише огромни делови од историјата на неговата земја, па дури и од неговата лична историја.  

„Имам карта на ѕидот од раниот 17 век на која пишува Македонија! Но во новите изданија на историските книги треба да стои нешто друго. Ако побарам извод од книгата на родените, на него ќе стои дека сум се родил тогаш и тогаш во Северна Македонија, што не е точно - јас сум роден во Република Македонија“.

Ќерката на брачната двојка Треневски-Попоска и нејзиниот сопруг Канаѓанец неодамна се вратија да живеат во Северна Македонија, заедно со новородената ќерка Софија. Галена Канингам на целата ситуација гледа со поделени чувства.

Nord-Mazedonien Galena Cunningham mit Tochter Sophia
Галена Канингам со ќерката СофијаФотографија: privat

Пасош од Република Македонија

Откако Договорот од Преспа беше усвоен и промената на името беше извесна, Канингамови побрзаа да поднесат барање за пасош за малата Софија, за на него да стои „Република Македонија“, а не „Северна Македонија“. Тие успеаја во тоа само пет дена пред новото име да стапи во сила. „Сентиментално навистина сакав барем нејзиниот прв пасош да биде од Република Македонија. Во ред, нејзиниот нареден пасош ќе биде од Северна Македонија, но ова ми значи многу“, истакнува Галена.

Во истовреме таа признава дека не постоел друг начин да се излезе од костецот со името. „Ова беше единствениот чекор напред, вели таа. „Ние нема магично да бидеме исти како западните земји, но ова е еден чекор поблиску“. По последната средба со раководството на Северна Македонија, шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, изјави дека Унијата планира и посакува да ги отвори пристапните преговори со Скопје годинава. А следуваше и брза награда. Договорот од Преспа ги отвори долго затворените порти на НАТО, на кои нејзиниот татко Мартин Треневски со години тропаше во Брисел како македонски амбасадор во Алијансата. 

Alter mazedonischer Pass
Фотографија: DW/T. Schultz

Канингам верува дека ако подобрата иднина започне да станува појасна, некои луѓе и натаму ќе бидат лути поради наметнатите промени на натписите, спомениците, учебниците, но оти тие ќе бидат во малцинство. 

Повеќе: 

Заев-Ципрас: Изгубивме многу време, сега мора да се „трча“

Непознатите соседи – Македонците и Грците

И Мартин Треневски признава дека подобра иднина за младите Македонци е единствено возможна со членството во ЕУ и во НАТО: 80 проценти од младите сонуваат да ја напуштат земјата. Тоа е катастрофа. Ни требаат тие млади луѓе. Со инјекциите од таканаречената економска помош, верувам дека ќе има некои изгледи за иднината за нив за да размислат да останат во земјата“.

Тој сѐ уште верува дека можело да биде постигнат подобар договор, но вели дека тоа веќе не е негова битка. Можеби евентуално на трпезариската маса.