1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добробитта на децата мора да биде најважна

Клаудија Вите/ Симе Недевски20 ноември 2014

Дали е светот денес подобро место за децата отколку што беше пред четвртина век? Конвенцијата за правата на децата е усвоена на 20. ноември 1989. година, и оттогаш е постигнат голем напредок, но...

https://p.dw.com/p/1Dpy1
Фотографија: UNICEF/UKLA2014-1419/Dawe

За прв пат, двајца добитници на овогодинешната Нобелова награда се борци за правата на децата: 17 годишната Малала Јусафзаи од Пакистан, која се бори за право на образование на девојчињата, и 60 годишниот Каилаш Сарјати од Индија, кој го посвети својот живот за борба против злоупотребата на детскиот труд . Нобеловата комисија оваа 2014. година постави уште еден историски преседан- Малала не е само најмладиот добитник на Нобелова награда во историјата на ова признание, туку и засега еднинствено дете кое е одликувано на тој начин.

„Тоа е јасен израз на новото гледање на децата, за разлика од старата слика, во која децата беа само лица кои треба да се заштитат“, објаснува стручњакот за права на децата Најџел Кантвел, кој за време на 80-тите години во значителна мерка придонесе за составување на Конвенцијата за правата на децата. „Сега е прифатено дека децата и тоа како се во состојба да дадат сопствен придонес и оти треба да се’ сфатат сериозно при ангажманот за човековите права на децата.“

Kinder-Nobelpreis für Malala Yousafzai
Малала ЈусафзаиФотографија: Reuters//Anders Wiklund/TT News Agency

Децата имаат право да го изнесат своето мислење

Ставот дека децата не се само објекти на родителското воспитување и добронамерна грижа, туку дека имаат сопствени, јасно одредени права, ни денес не е сосема прифатен. Тоа јасно зборува колку беше неопходно да се донесе Конвенција за правата на децата, смета Најџел Кантвел. „На лицата кои ја разработија и ратификуваа Декларацијата за човекови права, никогаш не им падна на ум дека таа се однесува на децата. Иако во суштина не постои долна старосна граница за примена на Декларацијата, на децата едноставно никој не мислеше. Тоа е точен приказ на тогашните сфаќања за децата. Нивните права како и да не постоеја.“

Конвенцијата со 54 артикли ги обврзува потписниците да ги штитат децата од дискриминација, искористување, злоупотреба и насилство. Во неа е наведено дека децата имаат право на здрав почеток на живот и образование, како и на користење на своите духовни и телесни потенцијали. Покрај тоа, имаат право на сопствено мислење по прашањата на сите мерки кои се однесуваат за децата, и тоа мислење треба да биде сослушано. Добробитта на децата мора да се земе предвид.

Дали е светот денес подобро место за децата?

Од усвојувањето на конвенцијата поминаа 25 години, а организацијата за помош на децата УНИЦЕФ подвлече линија. Дали е светот денес подобар кон децата отколку што беше во 1989.година? Одговорот на тоа прашање е јасно и гласно „Да“, по што следи полугласно „но...“

Nicolette Moodie
Николет МудиФотографија: DW/C. Witte

„Постојат области во кои постигнавме значителен напредок“, објаснува Николет Муди од канцеларијата на Уницеф во Женева. „На пример, во областа на здравството и вопитување подобрувањата се забележителни, иако кај образованието веќе неколку години не напредуваме како што треба.“ Според податоците на Уницеф, бебето кое е родено во 2014. ќе има многу поголеми шанси да доживее петти роденден отколку бебето родено во 1989. Благодарејќи на вакцинирањето и подобрата медицинска нега, стапката на смртност е речиси преполовена во однос на тој период. Но тоа и понатаму значи дека секој ден умираат 17.000 деца, поголемиот број од болести кои не можат да се избегнат.

Децата всушност ги убива сиромаштијата и слабата исхрана, велат претставниците на ОН. И тука има напредок- бројот на луѓе кои живеат во екстремна сиромаштија во земјите во развој е преполовен меѓу 1990. и 2010. година, делот на најсиромашни опадна од речиси половина население на помалку од една петина. Сепак кога се работи за заштита на децата, напредокот не ги задоволува сите очекувања: „Во областите насилство врз деца, злоупотреба на детскиот труд и детски бракови, се гледа само мал напредок. Против злоупотреба на детскиот труд не помага вакцина. Тука е многу посложено да се спроведат соодветни мерки“, вели Николет Муди.

Чекан во раце

Конвенцијата за правата на децата е една од најуспешните во историјата на ОН: ниту еден друг документ за човекови права не е толку брзо и темелно прифатен во меѓународната заедница. Во сила стапи во 1990. година, досега го ратификуваа 194 држави, само САД, Сомалија и Јужен Судан се држат на страна. Ако се погледнат официјалните ставови, животот на децата речиси на целата планета треба да биде вистински рај, но и на најголемите идеалисти им е јасно дека милиони деца и понатаму страдаат поради насилство, сиромаштија и хуманитарна криза. За остварување на тие права во секојдневниот живот се’ уште е неопходна постојана борба.

UNICEF Junge in blauer Stoffschaukel
Фотографија: UNICEF/NYHQ2010-3088/Pirozzi

Конвенцијата предвидува државите потписнички да бидат наизменично предмет на испитување на комитетот сочинет од независни стручњаци за детски права, и покрај тоа власта на секои пет години да поднесува извештај за напредок и тешкотии во остварување на тие права во сопствената земја. Токму тој комитет привлече внимание на светските медиуми во почетокот на 2014. година, кога неговите членови му поставија на Ватикан тешки прашања за злоупотреба на деца која ја сториле свештеници. Во борбата против кршењето на детските права важна улога има и невладиниот сектор, а се’ почесто и самите деца го користат своето право да изнесат мислење.

Во повелбата за правата на децата е скриена огромна енергија, вели Најџел Кантвел. „Тоа е инструмент, алатка, со која мораме да се служиме на вистински начин. Еден чекан не може сам да закова клинец. Морате да го подигнете чеканот и да го удрите клинецот. Така мораме да се однесуваме и кон конвенцијата, мораме да и’ се приближиме и да ја искористиме.“