1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санчез мрдна од мртва точка: Договорена коалиција со Подемос

БГ /РТР
12 ноември 2019

Шпанските социјалисти и крајно левата Унидас Подемос постигнаа договор за постизборна коалиција, само два дена по парламентарните избори кои донесоа длабоко поделен парламент. Веста ќе го израдува и Скопје.

https://p.dw.com/p/3Styh
Spanien Parlamentswahlen | Vorvereinbarung von Sozialisten und Linksbündnis
Фотографија: picture-alliance/dpa/Europa Press/J. Hellín

Шпанскиот социјалист Педро Санчез е чекор поблиску до формирање нова влада- вест што сигурно ќе го израдува официјално Скопје кое очекува од парламентот во Мадрид да го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Владата и парламентот во Скопје се во временски теснец поради најавените предвремените парламентарни избори во 12 април. Доколку Санчез успее да формира коалициска влада до конституирањето на шпанскиот парламент на 3 декември, тоа ќе значи дека во следниот месец ќе може да се очекува и ратификација на Протоколот за членство на С.Македонија во Алијансата.

Уште многу работа за Санчез

Неочекувано брзиот прелиминарен договор меѓу двете партии кои неодамна одбија да соработуваат сепак не е и конечно отворање на патот кон формирање нова влада во Шпанија. Двете партии ќе треба да договорат поделба на ресорите, но и да вклучат трета партија за да обезбедат мнозинство во парламентот.

По четвртите избори во земјата во последните четири години, шпанската Социјалистичка партија и натаму е најсилна во парламентот, но остана оддалечена од мнозинство.

„Ова е договор за четири години“, изјави лидерот на социјалистите Педро Санчез, кој е и актуелен технички премиер. Социјалистите освоија 120 пратенички места и заедно со 35 на Подемос сепак не успеваат да обезбедат апсолутно мнозинство.

Доколку успее обидот, тоа ќе биде првата коалициска влада во Шпанија уште откако земјата се врати кон демократијата кон крајот на 1970 години. Социјалистите и Подемос не успеаја да се договорат за коалиција по изборите во април годинава, по што Санчез мораше да свика нови предвремени избори.
Центристичката партија „Сиудаданос“ која има 10 места во парламентот соопшти дека нема да влезе во ваква влада и побара широка коалиција во која би влегле и конзервативците.

На социјалистите и Подемос сега ќе им треба и поддршка од каталонската левичарска сепаратистичка партија ЕРЦ која, во најмала рака, треба да апстинира од гласањето, а останатите партии од регионот да ја поддржат владата. Од ЕРЦ соопштија дека се уште размислуваат дали да ја поддржат владата.