1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добредојдовте во пеколот

7 август 2021

Протечените детали од Извештајот на Меѓувладиниот панел за климатските промени на ОН што ќе биде објавен в понеделник и страшните пожари покажуваат дека Европа се претвора во жежок континент. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/3yfpK
Waldbrände in Nordmazedonien
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис пред два дена даде извонредна оценка за трагедијата со пожарите што ја ставија во огнен обрач Атина, направија пустош на неколку големи острови, ги иzбезумија неговите сонародници. „Ако има само неколку луѓе кои се сомневаат дали климатските промени се реални, ги поканувам да дојдат тука и самите да се уверат“, рече Мицотакис од Илија, каде пламените јазици ја загрозуваа древната Олимпија. 

Гледаме што се случува во Македонија. Мислевме дека апокалиптичните слики од Калифорнија, што пристигнуваат секоја година барем по два пати и каде пламенот голта шуми и гратчиња додека да се свртиш, не можат да се случат и кај нас. Но не било така. Се сеќаваме и на истата апокалипса од Австралија пред неколку години или на вистинското инферно во Атина кога 100 луѓе беа буквално проголтани од огнот. Не можевме да веруваме за двестотините жртви во Германија и Белгија во неодамнешните поплави предизвикани од библиски врнежи. Гледаме како бродски флотили ги спасуваат туристите и жителите од регионите на Анталија и Мармарис во Турција, каде огнот го топи и каменот. Речиси цела Сицилија е во пламен, како што претходно беше Сардинија.

Ова се слики кои веќе го претставуваат новото нормално. Македонија никогаш не била поштедена од големи горештини, но овие седум недели температури од близу и над 40 степени (со по некоја капка дожд) на експлицитен начин покажуваат како се менува климата. Повозрасните се сеќаваат дека во годините кога немаше метеоролошки сателити времето во Скопје го одредувавме според она што се случуваше во Белград. Не поради тоа што бевме во заедничка држава, туку затоа што временските случувања во Белград за ден или два се пренесуваа во Скопје. Климата имаше некоја друга закономерност. Сега оние временски прилики во Белград не стигнуваат до Скопје, прапшање е дали стигнуваат и до Ниш. Ние сме многу повеќе под влијание на пустинската клима што доаѓа од Африка, отколку од континенталната клима од посевер на Европа. Ако патувате до Ниш или Белград ќе бидете зачудени од бескрајното море на пластеници во полето околу Лесковац. Како да сте во Струмица и нејзината околина. Топлото време го претвори овој регион на Србија во многу значајно земјоделско подрачје, кое произведува квалитетни домати и пипер и е голем конкурент на регионалниот пазар. Сѐ поради сонцето кое сега повеќе и подолго грее во овие подрачја. Се разбира, сето тоа е поврзано со промената на климата. 

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Мрачна перспектива

Но пеколот изгледа допрва доаѓа. В понеделник Меѓувладиниот панел за климатските промени на ОН (ИПЦЦ) треба да го објави својот следен извештај на 4.200 страници, кој е најнапредна студија од сите досега напишани за влијанието на климатските промени врз нашиот свет. Протечените детали од овој извештај даваат мрачна перспектива на иднината планетата за наредните педесетина години и на некој начин човештвото треба да се подготвува за своевидно чистилиште. Ова е панел составен од 195 влади и во него е вклучена и најдобрата наука за климата. Од последниот извештај на ИПЦЦ во 2013 година емисијата на стакленички гасови расте без задржување, како што расте и просечната глобална темперетура. 

Новиот извештај ги покажува предвидувањата колку емисии на гасови ќе бидат испумпани во атмосферата пред глобалната температура да порасне за повеќе од 1,5 степени Целзиусови. За да се запре зголемувањето на температурата за над 1,5 степен, глобалните емисии треба да се преполоват до 2030 година, а до 2050 да се сведат на нула, инаку светот ќе доживее катастрофални последици.

Повеќе:

-Европа гори: Четири причини зошто тоа се случува

-Грција: „Во иднина ќе има почесто и посилни пожари“

-Пожарите ги опустошија „белите дробови“ на С. Македонија

Еве неколку од клучните наоди на овој многу важен извештај што последниве денови протекоа во јавноста. Кога тој ќе биде објавен в понеделник ќе се појавуват уште други драматични научни предупредувања. Дали тоа ќе биде конечен знак за тревога на владите е друго прашање. 

Според она што го објавија големите новински агенции, весници, Светскиот економски форум и други глобални организации, научниците предидуваат дека во Европа сѐ ќе се промени, овој континент нема никогаш да биде истиот ако не се дејствува брзо, ако потребата за развој и профит ги поткопаат самите основи на човештвото. (Само еден страничен податок кој одѕвонува заедно со катастрофалните пожари во Турција. Турската фондација за борба против ерозијата на земјата во 2020 година објави дека 58% од турските шуми се лиценцирани за рудници. Потрагата по ресурси треба да ја уништи земјата.) 

Како што можеме сами да почувствуваме во Македонија жештината ќе стане една од главните последици на климатските промени. Некој одлично напиша – Рим ќе стане новиот Ријад. Но пред топлотниот пекол од саудискиот Ријад да стигне во Рим, тој можеби прво ќе застане во Гевгелија. Се споменуваат ужасните горештини од 2003 година кога Италија, Франција, Шпанија и Балканот беа погодени од несносни температури. Тоа беше најтоплиот август во последните 500 години. Според проценките на ЕУ, во нејзините земји-членки тогаш умреа 80.000 лица кои не можеа да ги издржат температурите и поради тоа што во нивните домови немаше клима уреди, бидејќи дотогаш не им требаа. Оттогаш во домовите масовно се поставуваат клима уреди, а со тоа сериозно расте емисијата на стакленичките гасови. Како што кај нас се поттикнува употребата на инвертер клими за загревање, за да се намали загадувањето, а при тоа не се води сметка дека над поголемите македонски градови се создава купола на стакленички гасови. 

Во извештајот што треба да биде објавен пишува дека европските градови се потопли за 5 до 10 степени од пределите во внатрешноста. Ако не запрат глобалните емисии, овие градови ќе се затоплат уште за најмалку 6 степени. Научниците наведуваат дека тогаш градовите во Медитеранот (во кој спаѓаме и ние) ќе бидат подложни под несносна горештина што традиционалната природна вентилација веќе нема да функционира. Ако глобалната температура се покачи за 3 степени тогаш најмалку 200 милиони Европејци од југот и Централна Европа ќе бидат под перманентен стрес од горештините. Огромната потреба од клима уреди во Медитеранот ќе ја удвои емисијата на јаглерод диоксид до 2035 година и животот во овој голем регион ќе станува сѐ понеподнослив. Едноставно, Европа се движи кон својата судбина да стане жежок континент. 

Битка за храната

Но и во таа жештина храната ќе биде неопходен елемент за преживување, како што и секогаш била. Случајот со полето околу Лесковац, кое го споменавме погоре, ќе се трансферира сѐ понасевер. Северните земји, на кои гледавме со асоцијации поврзани со студот, со голема веројатност ќе станат клучните производители на храна. 

Во исто време, како што покажаа поплавите во Германија и Белгија, големите дождови ќе станат речиси секојдневие. Со научен пристап и големи вложувања тие ќе можат да се искористат за производство на храна. Во извештајот на ИПЦЦ ќе биде наведено дека сушните периоди на југот на Европа од два месеци ќе се продолжат на половина година, а површините на почвата зафатена од суши од сегашниве 28 отсто, ќе се прошири веројатно до 49 отсто. Во Шпанија на многу места почнаа да ги копачат маслиниците стари по сто-двесте години, затоа што станува невозможно нивното одгледување поради големите сушни периоди и се заменуваат со нови насади научно создадени кои може да издржат уште поголема суша. Според извештајот, доколку глобалната температура се покачи за 2 степени тогаш подрачјата за земјоделско производство ќе се поместуваат од 25 до 135 километри на север во период од една декада. 

Други колумни од авторот:

-Отворен Балкан и затворена Европа

-Има ли Шилегов мастер план за Скопје?

-ЕУ и С. Македонија – „повеќе од истото“

На јужните земји веќе ќе им биде невозможно да се занимаваат со земјоделство ако нема големи иригациски системи за кои ќе бидат потребни големи пари за да се изградат. Тоа значи дека Македонија, Шпанија, Франција нема да ги произведуваат најдобрите домати, туку тие ќе доаѓаат од Германија. Македонија е сиромашна земја, нејзината извонредна вредност секогаш била квалитетот на земјоделските производи. Но големите горештини веќе ги вклучуваат сите ѕвона на тревога. Квалитетот на производите веќе не е тој од пред 10 години. Политиката сега треба да се заврти кон науката и да бара совети што да се прави понатаму. Инаку, ќе дојде време кога веќе ќе нема кому да му се даваат субвенции потребни за социјален и политички мир. Потребен е драматичен пресврт кон земјоделството, а не само субвенционално гаснење пожари. 

Како што видовме во Германија и Белгија, а претходните години и во други земји, како Италија, домовите веќе не се сигурно прибежиште. Големите гроештини создаваат многу повеќе дождовни облаци. Некаде понасевер тие ќе се истурат со сета нивна силина. Големите поплави ќе станат регуларна појава во северниот дел од Европа. Штетите од поплавите до крајот на векот ќе се мерат со стотици милијарди евра годишно. А порастот на нивото на морето веќе ќе станува прашање од егизтенцијална природа за цела една држава како Холандија. Исто така и за Германија и Белгија. 

Од една страна поплави, од друга страна пожари поради топлината. Според податоците од ЕУ во 2018 година од пожари биле уништени 128.000 хектари шуми и почва во Унијата. Само во првата половина од оваа година во ЕУ се уништени 128.000 хектари (од нив во Италија 80.000 хектари, четири пати повеќе од просекот). Во Турција досега се уништени 95.000 хектари, во Македонија не знаеме колку точно, но сигурно е дека се работи за илјадници. Заедно во Италија, Грција и Турција само на почетокот на сезоната на пожари се уништени 230.000 хектари. 

Досега од овие пожари се испуштени во атмосферата 343 мегатони јаглерод, пет пати повеќе од досега најголемата бројка во јули 2014 година. И тука, како што стои во извештајот на ИПЦЦ се доаѓа до најголемиот апсурд – дрвата се тие што треба да го апсорбираат јаглеродниот диосксид, но со огромните пожари предизвикани од климатските промени тие го емитуваат него преку чадот. 

Бурна ноќ во костец со стихијата

Има уште многу предупредувања во извештајот што треба да се појави в понеделник – дека топењето на мразот на Аркиткот и на Гренланд ќе ја забави атлантската ружа на ветрови, дека Голфската струја, која ја носи топлата вода од Мексиканскиот Залив до европските брегови и која е извориште за цивилацијата на нордиските земји, може да ја снема токму поради ова топење на мразот. Парадоксално - како што Арктикот ќе се топи, така северниот дел од Атлантсскиот Океан ќе станува постуден, затоа што ќе биде потисната Голфската струја. 

Пожарите во Македонија, Грција, Турција, Бугарија, Италија и огромните горештини се јасен знак дека климатските промени се одамна стигнати и ние сме само предупредени на што ќе личи нашето секојдневие од пеколот. 

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар