1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лагард најавува промена на каматните стапки во јули

Миша Ерхард
12 мај 2022

Шефицата на Европската централна банка, Кристин Лагард навестува промени во каматните стапки во јули. Се чини дека е на повидок пресврт во каматната политика, но и крај на затезните камати за штедачите.

https://p.dw.com/p/4BC2Y
Christine Lagarde | Präsidentin der Europäischen Zentralbank
Фотографија: Thomas Lohnes/AFP/dpa/picture alliance

Кристин Лагард, шефицата на Европската централна банка, во говор во Љубљана во средата, повтори дека зголемувањето на каматните стапки може да следи кусо по завршувањето на купувањето обврзници на земјите во еврозоната. Но, ситуацијата стана возбудлива кога таа рече дека многу јасно ставила до знаење оти тоа може да се случи во рок од само неколку недели.

Иако ова звучи само како досадно повторување всушност е многу повеќе од тоа. 

„Тоа е навистина јасно навестување. Не може појасно да се каже. На состанокот на ЕЦБ на 21 јули ќе го добиеме првото зголемување на каматните стапки,“ вели за ДВ, Карстен Бржески, главен економист во ИНГ. Претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, зборуваше во слична насока како Лагард. Тој рече дека високата инфлација ја намалува  куповната моќ на домаќинствата  и заедно со несигурноста околу војната во Украина, доведува до губење на довербата. По завршувањето на купувањето на обврзниците во јуни, во блиска иднина треба да следи зголемување на каматите - а тоа би можело да биде уште во јули.

Потребно е да се делува брзо 

Според Нагел, потребно е да се делува брзо, бидејќи во спротивно постои опасност да дојде до спирала на раст на цените и платите, што би довело до тоа инфлацијата да излезе од контрола. По последниот состанок на Советот на ЕЦБ на средината на април, Кристин Лагард не сакаше јасно да каже кога би можело да дојде до зголемување на каматните стапки во третиот квартал. „Можеби порано, можеби подоцна. Третиот квартал има три месеца,“ изјави тогаш шефицата на ЕЦБ. Но, се чини дека овие промени ќе се случат многу порано, уште на почетокот од кварталот. 

Кристин Лагард и претседателот на Бундесбанк, Нагел во средата уште еднаш нагласија дека одлуките на централните банки ќе се засноваат на актуелните економски податоци. Тоа на ЕЦБ ѝ отвора простор за флексибилност за да може да реагира на промените. 

Водечките каматни стапки во еврозоната веќе повеќе од шест години се нула отсто. Банките кои своите пари ги чуваат во централната банка дури мора да плаќаат и негативна камата од 0.5%. На тој начин ЕЦБ последните години се обидува да го задржи протокот на пари за кредити и така да ја зајакнат економијата. Примарниот мандат на ЕЦБ е всушност да се осигура стабилност на цените, што според нивната проценка се постигнува со  инфлацијата од околу два проценти. 

Енергијата - мотор на поскапувањата 

Со оглед дека инфлацијата во последниве години постојано беше многу ниска, Централната банка се обиде да ја врати инфлацијата на два проценти со својата ултра лабава монетарна политика. Но, поради проблемите во синџирите за набавка и испорака во времето на пандемијата и поради растот на трошоците за енергија, инфлацијата кон крајот на минатата година се искачи над два проценти. 

Поради војната во Украина и локдаунот од корона пандемијата во Кина, проблемите во синџирите за снабдување повторно се интензивираа, а истовремено цените на енергенсите експлодираа. Како резултат на сето ова, инфлацијата во еврозоната се искачи на 7,5%. А економијата заостанува. 

Страв од рекордната инфлација - Германците складираат храна

„Во моментов имаме стагнирачка економија и висока инфлација. Со други зборови ‘стагфлација’ во вистинска смисла на зборот. А тоа е најголемиот предизвик кој една централната банка може да си го замисли,“ вели Карстен Бржески. 

Се ближи крајот на затезните камати

И де факто „стапот има два краја”. Ако Европската централна банка пребрзо ја нормализира фискалната политика и ги подигне каматите, ќе ја загуши економијата. Превисоки камати кочат инвестиции кои се потребни за нужната трансформација на економијата во правец на одржливост. Покрај тоа растечките камати го зголемуваат и притисокот врз повеќето влади во еврозоната на кои државните задолжувања им се високи заради програмите за помош во пандемијата. Сепак Банката очигледно е под притисок со подигнување на каматите да прати сигнал дека почнува да презема мерки против  високата инфлација.  За штедачите тоа е добра вест, бидејќи со тоа во догледно време растат и каматите на заштедите.

Па така во изминатите недели неколку банки најавија дека ќе ги зголемат или целосно ќе ги укинат додатоците за негативните каматни стапки. Со негативната камата од 0,5% на ЕЦБ банките прејдоа кон тоа да наплатуваат т.н. „лежарина” од клиенти со големи заштеди. Со можната промена во каматната политика на ЕВБ во јули и тие веројатно ќе бидат минато.