1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До 13 часот излезноста била 20,45 отсто

21 април 2019

Досега се регистрирани два случаи на фотографирање на избирачко ливче, како и неколку случаи на кршење на изборниот молк

https://p.dw.com/p/3HB1e
Nord-Mazedonien Skopje Präsidentschaftswahl
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Според ДИК, од обработените податоци од 75,57 отсто избирачки места, до 13 часот гласале 284.942 граѓани или 20,45 отсто. Најголема излезност, над 30 отсто, има во Прилеп, Новаци, Свети Николе, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Кратово и Демир Капија.

Најниска излезност е регистрирана во Липково - 5,43 отсто, во Желино 6,62 и во Врапчиште 7,5 отсто.   

Гласањето до пладне помина генерално мирно и без проблеми. Билјана Милевска од Одделот за односи со јавност во МВР посочи дека утрото на гласачко место во градинката „Лале срничка" во Општина Аеродром претседателот на Избирачкиот одбор го забележал лицето Р. Ѓ. (36) како со мобилен телефон го фотографирал гласачкото ливче. Р.Ѓ. бил приведен и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. И на гласачкото место 1515 во село Обршани, лицето К.П. со мобилен телефон го фотографирал гласачкото ливче, за што се преземаат мерки за расчистување на случајот. Утрово во 6 часот и 11 минути во СВР Скопје било пријавено дека на гласачко место во ОУ „Дрита" во село Рашче била оштетена влезната врата, но Изборната комисија констатирала дека нема проблеми со избирачкиот материјал и гласањето започнало во предвиденото време без проблеми. Милевска апелираше до сите граѓани на мирен и достоинствен начин да го искористат своето гласачко право.

Nord-Mazedonien Skopje Präsidentschaftswahl
Фотографија: picture-alliance/AA/H. Gina

Набљудувачите јавуваат дека изборниот ден тече мирно, со изолирани случаи на нерегуларности или кршење на изборниот молк. Како што јавија од Цивил, таков случај имало на избирачкото место 2119, во ОУ „Александар Здравковски", во Јегуновце, каде на сите електрични столбови околу објектот  биле залепени промотивни флаери на еден од кандидатите, но околу 9 и 40 часот, биле отстранети. На ИМ 2280 и 2280/1 во ОУ „Гоце Делчев", во Штип, партиски набљудувачи без акредитации, на мобилни телефони гласно разговарале на начин што може да се протолкува како агитација, односно кршење на изборниот молк.

Повеќе:

Одзивот до 10 часот 6,05 отсто

Мирно тече гласањето за петтиот македонски претседател

На истите избирачки места, параванот за гласање бил поставен несоодветно, односно можело да се види за кого гласаат гласачите. Грешката била исправена по укажување на набљудувачите.