1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Техника

Динамит - 150 години од „експлозивната идеја“

Волфганг Дик
19 септември 2017

Шведскиот хемичар Алфред Нобел на 19. септември во 1867. година го патентираше динамитот, супстанција која го промени светот. А малку недостигаше да не дојде до тоа.

https://p.dw.com/p/2kH4y
Dynamit Dynamitstange Symbolbild
Фотографија: Imago/bonn-sequenz

Нитроглицеринот е течна супстанца која го фасцинирала Алфред Нобел (1833-1896). Според дејството, таа е посилна и со тоа и поопасна од црниот прашок. За време на едно патување, Нобел ова соединение го видел кај неговиот вистински откривач, италијанскиот хемичар Асканио Собреро. Собреро, чие лице било унакажано од неуспешни експерименти, нитроглицеринот го сметал за толку проблематичен, што се одрекол од негово економско искористување. Но, Нобел токму во него видел шанса.

Нобел, син на шведски фабрикант за воена опрема, со 30 години се зафатил со проблемот. Неговиот прв чекор бил на супстанцата да ѝ се додаде иницијална искра заради подобро детерминирање на моментот на експлозија. Но, нитроглицеринот останува нестабилен. За да избегне несакани експлозии, Нобел морал да го соединува со други материи и на таков начин да го „скротува“. Но, со кои? Правел обиди со гипс, со глина, прашина од цигли, но безуспешно. Уште во оваа фаза меѓутоа вршел производство на нитроглицерин во големи количества во Шведска, сѐ додека не се случило неизбежното.

Катастрофални инциденти

Погонот за производство во Шведска експлодирал. Меѓу загинатите бил и Алфредовиот помлад брат Емил. Алфред Нобел морал да ја напушти Шведска и заминал во Германија. Но, ни преместената работилница во Кримел кај Хамбург не останала поштедена од смртни инциденти, по што биле побарани безбедносни мерки, на пример опколување на фабриката со ѕидови. Некои земји размислувале со закон да го забранат експлозивот.

Alfred Nobel Porträt
Алфред НобелФотографија: Getty Images/Hulton Archive

Решавачко откритие

При транспортот на нитроглицеринот, Нобел и неговите соработници употребувале еден вид тапацирање на транспортните садови. Тоа се состоело од дијатомејска земја, мешавина од фосилни остатоци во водите. За време на еден транспорт, истекол нитроглицерин, но бил апсорбиран од дијатомејската земја, не дошло до експлозија. Нобел бил уверен дека конечно нашол можност за стабилизирање на експлозивната течност, а во 1866 година се оддал на одредување на одделните делови од мешавината, решавајќи тоа да бидат три дела течен експлозив и еден дел дијатомејска земја. Како хемиски стабилизатор додал малку сода, натриумкарбонат, сето спакувано во заштитни пакувања, под име „динамит“, алудирајќи на грчкиот збор за сила. Нобел пријавил патент на динамитот и следната година го добил. Потоа почнала изградба на бројни фабрики за производство на динамит, од кои 90 проценти припаѓале на Нобел, кој пријавил натамошни преку 300 патенти, усовршување на експлозивот.

Italien Dynamit Fabrik bei Val Bormida
Фабрика за динамит проектирана кај Вал Бормида во ИталијаФотографија: picture-alliance/Heritage Images/Ann Ronan Picture Library

Последици на динамитот

Динамитот поместува планини во буквална смисла на зборот. Тој овозможи градежни проекти како Панамскиот канал (1881-1889), ги приближи луѓето. Но, тој донесе и несреќи. Уште за време на животот на Алфред Нобел, се случија атентати, цар Александар Втори загина при ваков напад со експлозив.

Иако Нобел се воздржуваше од јавно коментирање на употребата на неговиот динамит во воени цели, негативните последици сѐ повеќе го загрижуваа. Покрај тоа, без оглед на огромното богатство, Нобел во приватниот живот беше осамен. Единствената жена која му даде нов правец на неговиот живот, беше прво неговата секретарка, Берта фон Сутнер, која го фасцинирала со нејзиниот пацифистички роман „Долу оружјето“. Полека се развила идеја која пронаоѓачот на динамитот конечно ќе го направи бесмртен.

Наследството од динамитот

Уште пред својата смрт, Алфред Нобел наложи главницата од неговиот имот да оди во посебна фондација. Од добивката од производството на динамит почна доделување награди на личности со посебни заслуги за човештвото, од областа на хемија, физика, медицина, литература и мир. Роднините и наследниците на Нобел сакаа да ја оспорат оваа одлука и со години се влечкаа по судови. Попусто. Пет години по смртта на Алфред Нобел, се одржа првото доделување на Нобеловата награда.