ДИК повика на гласање
4 јуни 2011„ДИК ги повикува сите граѓани и гласачи во што е можно поголем број, слободно, масовно и мирно да излезат утре на гласачките места и слободно да го дадат својот глас за оној за кој самите ќе одлучат. Кај ниеден гласач не треба да постои никаков страв. Гласањето е тајно и тајноста на гласањето е гарантирана. Гласачот од никого не може да биде откриен за кого гласал, ниту, пак, треба да биде прашан за кого гласал, а исто така никој не може да биде земен на одговорност за гласот што го дал“, рече претседателот на ДИК Борис Кондарко на денешната (04.06) прес-конференција.
Тој нагласи дека во интерес на демократски и фер избори никој не смее да биде принудуван како да го даде својот глас, дали воопшто да излезе на гласање, ниту да биде заплашуван за тоа како и за кого ќе гласа.
„Слободното и тајно гласање, неповредливоста на определувањето на слободната волја на секој граѓанин е битно за сите нас, за Република Македонија, за заедничката иднина на државата и одговорноста е заедничка на сите. Во таа насока, интересот за мирни, слободни и демократски избори е врвен приоритет и на ДИК и на целата наша држава“, рече Кондарко.
Тој предупреди дека кривичните санкции за какви било изборни неправилности и манипулации, злоупотреби и нерегуларности, се многу строги и високи.
Автор: ЕМФ/миа
Редактор: Е.М.Фиданоска