1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Какви последици има пандемијата врз нашите деца?

9 февруари 2021

Нема градинка, ниту училиште, нема средби со другари и другарки, нема спорт, нема музика: последиците од корона-мерките за децата и младите се драматични.

https://p.dw.com/p/3ow6v
Symbolbilder Kinder mit Mundschutzmasken
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Marechal

Доцна во декември Аксел Гершлауер забележува дека нешто се случува. Во последните три недели пред Божик тројца млади ја посетуваат неговата ординација во Бон. Сите тројца имаат посекотини на подлактиците кои самите си ги нанеле. Тројца млади за три недели. Вообичаено такво нешто гледа еднаш на три или шест месеци. „Таа зачестеност ми укажува на тоа дека нешто е многу тргнато наопаку”, заклучува докторот Гершлауер. Притоа нагласува дека периодов воопшто и не ги гледа сите свои пациенти, деца и новороденчиња. Некои ја избегнуваат ординацијата од страв од корона. Затоа пак, телефонот не му стивнува - очајни родители под стрес бараат телефонски совети од него. „Темите се тотално изместени во правец на психички оптоварувања. Дали се пореметувања поврзани со анксиозност, проблеми со концентрација или заспивање, сите тие појави во изминатите месеци многу зачестија”, вели Гершлауер.

Во Германија од средината на декември минатата година на сила се заострени мерки против корона. Во многу сојузни покраини се затворени училиштата и градинките. Не се дозволени ниту слободни активности како групни спортови.

Symbolbild I Homeschooling im Lockdown
Фотографија: Leonardo Fernandez Viloria/Getty Images

Педијатри забележуваат забавен развој заради короната

Гершлауер истовремено е и портпарол на Здружението на педијатри за регионот Северна Рајна. Ако некој има сознанија каква е состојбата со 13,5 милиони малолетници во Германија за време на корона кризата, тоа е докторот Гершлауер. Тоа што го слуша од стотици колеги од нивното професионално секојдневие од ден на ден звучи сѐ подраматично. „Покажуваат упадливо однесување, многу деца се и многу здебелени. Долго време седат пред телевизор. И родителите не ги носат на редовните контроли”, опишува докторот.

Повеќе:

-Децата - „скриени“ преносители на коронавирус

-Светски ден на децата: Опасност од „загубена Ковид-генерација“

-Асимптоматските деца можат со недели да го пренесуваат коронавирусот

Тоа го потврдува и анкета спроведена со 347 психотерапевти. Целосната димензија на последиците од локдаунот врз деца и младинци во моментов докторите може само да ја претпостават, вели Гершлауер. Дополнително посочува на многуте злоставувања на деца од кои педијатрите сега може да регистрираат само многу мал дел. Германија, според него, ќе мора да инвестира многу време и пари за да може стотици илјади девојчиња и момчиња до некаде да ги врати на правиот пат. „Тоа ќе биде огромна задача. Во следните две години ќе ни биде потребен план и многуброен персонал - особено бројот на психотерапевти ќе треба да го зголемиме за 50%”, вели Гершлауер.

Symbolbild I Homeschooling im Lockdown
Фотографија: Eric Baradat/AFP/Getty Images

Деца и младинци бараат помош на „Бројот против грижи”

Деца и младинци кои самите забележуваат дека им е потребна помош и судбината прво си ја земаат во свои раце, во Германија 40 години наназад може да се јават на бројот 116111, односно „Бројот против грижи”, како што се нарекува. Порано волонтерите слушале жалби за единица, кавга со родителите или први љубовни проблеми. Денес се прва адреса за последиците од корона-локдаунот. Се јавуваат деца на едвај 8-годишна возраст.

„Теми како психичко здравје и осаменост во изминатите месеци бележат огромен пораст. Има и поголем број деца кои јавуваат дека доживеале насилство”, вели Ана Захаријас. Стручниот референт за односи со јавност при „Бројот против грижи” моментално е презафатена бидејќи организацијата одеднаш е многу присутна и во медиумите откако германска водителка во емотивен апел против корона мерките ги спомена 461.000 деца и млади кои минатата година се јавиле на бројот 116111.

Масовно зголемен број на онлајн-советувања со деца и родители

Веројатно ова е еден од позитивните аспекти на корона-кризата - „бројот против грижи“ стана многу попознат отколку што беше со сите кампањи, флаери и посети на училишта за негова промоција. „Во 2020 за една третина е зголемен бројот на онлајн советувања во споредба со 2019“, вели Захаријас.

Покрај 3000 обучени терапевти, дополнително уште 80 соработници помагаат во онлајн-четовите за надминување на грижите. Во време на корона тие се барани како никогаш досега, поради што во изминативе месеци масовно се регрутираше персонал. „Децата ни пишуваат, сите се дома поради што не можам со некои да зборувам и за доверливи работи на телефон“, вели Захаријас.

Но, на телефонот за грижи не се јавуваат само деца. Загрижени мајки и татковци чекаат децата навечер да си легнат и да свртат на бројот кој е наменет за родителите. „Консултациите со родители во 2020 скокнаа за 64% во однос на минатата годин“, вели Ана Захаријас.

Во фокусот веќе не се теми како пубертет, тага поради раскината врска или конфликти во семејството. Сега главно се зборува за карантинот кој сѐ повеќе им оди на нерви и на децата и на родителите. „Неделава имавме еден повик во кој човекот што се јави вели дека им е љубоморен на Австријците бидејќи кај нив конечно се олабавени корона-мерките.“

„За најмалите короната е дел од нивното ‘нормално’“

Млади кои се сечат на подлактиците, осумгодишни деца кои вртат на „телефонот против грижи“ - но, што всушност им прави корона-кризата на најмалите? Ула Баумгартнер – Шмеинг, која веќе 18 години работи за Германското здружение за заштита на деца вели: „Ако родителите се премногу плашливи поради короната, тоа директно влијае врз децата.“

Педагогот раскажува за една мајка чиј најмлад син не сакал да оди во дневен престој поради страв од корона. „Ѝ реков дека не можам ни да си го замислам тоа,“ вели Баумгартнер – Шмеинг, за подоцна да се испостави дека мајката имала преголем страв од корона, кој го пренела и на детето.

Таа секој ден се бори против ова. Баумгартнер – Шмеинг работи со група родители и деца во Бон. Во моментов доаѓаат дваесет деца од кои повеќето се под три години. Значи мали деца кои и не знаат за поинаков свет од овој сега, во кој сите мора да носат маски, во кој не смеат да се собираат повеќе деца истовремено и во кој е задолжително постојано да се мијат раце.

Очигледно, токму поради ова, овие мали девојчиња и момчиња многу подобро се справуваат со корона-кризата за разлика од постарите братчиња или сестри, кои често со тажни очи гледаат во Баумгартнер – Шмеинг. „Најмалите ова дури го интегрираат и додека играат. На мечињата и куклите им ставаат маски. За нив корона е всушност еден вид нормалност.“