Десетици мртви во рударската несреќа во Сибир
26 ноември 2021Бројот на мртви во несреќата во сибирскиот рудник се искачи на 52, известија руските новински агенции повикувајќи се на итните служби
„Според прелиминарните информации, никој не преживеал во рудникот. Загинаа 52 лица“, изјави извор на кој се повикува службената агенција ТАСС.
Оваа изјава ја пренесоа и агенцијата РИА Новости и Инерфакс и прецизираа дека меѓу мртвите 46 рудари се и 6 спасувачи.
Локалното истражно тело отвори истрага поради „кршење на безбедносните стандарди “ и во текот на вечерта објави дека се уапсени директорот на рудникот, неговиот заменик и одговорните за подрачјето на кое се случила несреќата.
„Тоа е голема трагедија“, изјави претседателот Владимир Путин на телевизија и им одаде почит на итните служби кои „дале сѐ од себе“.
Властите објавија оти околу 8 часот наутро примиле дојава за чад во рудникот Листвиајнаја во градот Грамотејно, во сибирскиот регион Кемерово каде се наоѓаат бројни рудници за јаглен.
Рудникот е во сопственост на фирмата СДС-Угол, еден од најголемите руски производители на јаглен.
Несреќите во руските рудници често се поврзани со непридржување кон безбедносните норми, лошо управување или поради застарена опрема од времето на Советскиот Сојуз.
Во мај 2010 година загинаа 91 лице и над стотина беа повредени во рудникот Распадскаја, исто така, во Кемерово.
Во октомври 2019 година откако пукна брана во рудникот за злато во Сибир загинаа 17 лица.
Освен човечки загуби, некои несреќи покажуваат дека начиот на рударството во Русија често предизвикува и штети на животната средина.