1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Десетици жртви по ерупцијата на вулканот Фуего

ЕМФ /агенции
5 јуни 2018

Во најжестоката ерупција на вулканот Фуего во последните 40 години загинаа десетици луѓе. Бројот на жртвите се зголемува постојано.

https://p.dw.com/p/2ywFL
Guetemala Vulkanausbruch Fuego
Фотографија: Reuters/L. Echeverria

Во ерупцијата на „Огнениот вулкан“ во Гватемала животот го загубија најмалку 65 луѓе, а повредени се околу 300, соопшти гватемалската Служба за цивилна заштита. Директорот на Институтот за форензика, Фануел Гарсија, изјави дека е почната идентификацијата на жртвите. Спасувачките екипи, според тврдењето на властите, работат без пауза за да им помогнат на погодените од катастрофата. Се смета дека бројот на жртвите ќе се зголемува и натаму. Голем број луѓе сѐ уште се водат како исчезнати.

Guatemala Vulkanausbruch Fuego | Opfer
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/O. de Ros

Вулканот Фуего, кој се наоѓа на само неколку десетци километри од главниот град Гватемала, еруптираше во неделата и целосно уништи најмалку едно село. Лавата „голтна“ голем број куќи. Над три илјади луѓе од регионот се евакуирани. Претседателот Џими Моралес прогласи вонредна состојба за помошта да може да стигне што е можно побрзо до регионот погоден од катастрофата. Тој прогласи тридневна жалост и го повика населението да остане мирно. „Стотици полицајци, членови на Црвениот крст и војници се во акција“, рече Моралес.

Guatemala Vulkanausbruch Fuego | Opfer
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/O. de Ros

Ерупцијата на вулканот траеше 16 часа. Вчера Фуего повторно беше активен, но со помал интензитет. Фуего е еден од трите најактивни вулкани во Гватемала.

Жестока ерупција на вулканот Фуего