1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот Д: Сите ги чекаат податоците од пописот

30 март 2022

Податоците ќе бидат презентирани пред претставници на државни институции, на Евростат, на дипломатскиот кор, на заводите за статистика од земјите од регионот.

https://p.dw.com/p/49D0V
По речиси 20 години Северна Македонија повторно ќе добие валидни податоци од попис на населението, домаќинствата и становите
По речиси 20 години Северна Македонија повторно ќе добие валидни податоци од попис на населението, домаќинствата и становитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

По цели две децении од последниот попис во 2002 година, денеска ќе ги бидат презентирани податоците од пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој беше спроведен од 5-ти до 30-ти септември минатата година.

Податоците ќе бидат објавени во салата на македонската Филхармонија, пред претставници на државни институции, на Евростат, на дипломатскиот кор, на заводите за статистика од земјите од регионот, Грција, Словенија, Хрватска, Чешка и други, откако претходно ќе бидат доделени благодарници на институциите кои придонеле за успешното спроведување на статистичката операција.

Пописот уште пред неговиот почеток беше предмет на бројни критики - дали е статистичка или политичка операција, дали е според стандардите на Евростат, дали утврдената методологија тоа го гарантира?

„Сѐ е по стандардите. Следени се сите елементи кои се дадени во методологијата за пописот, а таа е целосно усогласена со сите меѓународни стандарди. Нашата цел беше да направиме професионална статистичка операција и направивме“, изјави за ДВ минатата недела директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Иако беше речено дека податоци нема да бидат споделувани во јавноста, сепак, еден медиум неофицијално објави податоци за бројот на резидентно и нерезидинетно население во земјата, како и проценти на двете најголеми етнички заедници. Без разлика што пописот е многу повеќе од таков вид „пребројување“, во политизираната македонска реалност главното тежиште секогаш беше ставено токму на овој податок. Особено, по неуспешениот попис од 2011 година кој започна и не заврши, бидејќи беше прекинат поради политички несогласувања. Причините за тоа најдобро ги знаат тогашните коалициски партнери Никола Груевски и Али Ахмети, но во јавноста остана впечатокот дека со прекинот на пописот било избегнато нереално „штелување“ на етнички проценти.

Пописот во 2011 година започна, а не заврши
Пописот во 2011 година започна, а не завршиФотографија: Petr Stojanovski

Сите се попишани

Податоците за оние кои лани не се попишале, затоа што не биле најдени дома во повеќе наврати, а не се одзвале на поканата да дојдат во центрите за попис, се преземени од регистри со податоци. Во пописната база влегуваат најмалку седум регистри на податоци - од МВР, Министерството за информатичко општество и администрација, Фондот за ПИОМ, УЈП, Агенцијата за вработување, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика.

„Се е проверено, и сите се попишани. Конечниот податок е целосно проверен", дециден беше Симовски пред една недела.

Повеќе: Попис на стари или пензионерите се нашата иднина

Откако Државниот завод за статистика денеска ќе ги презентира податоците, она што ќе следи е работа на науката - да ги анализира актуелните податоци и разликите од состојбата пред 20 години, за да ги утрди состојбите, актуелните и претстојните трендови. За тоа ќе има голема база, со оглед дека пописот треба да донесе огромен и значен фонд на податоци кои ќе бидат корисни за натамошното креирање на економските, образовни, локални, развојни, инвестициски, земјоделски и други политики. Од корист ќе бидат податоците за човечкиот потенцијал, образованоста, кавалификациската структура, вработеноста, потенцијалот на работната сила, старосната структура, големината и квалитетот на станбениот фонд, територијална распределеност на населението и иселувањето.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол СимовскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Се очекува ова да биде последен попис со комбинаран метод, односно со теренски попишувачи. Според Симовски, следниот попис би требало да се направи побрзо и поедноставно, само врз основа на регистри. За таа цел институциите работат на навремено ажурирање на сите непоходни податоци, меѓу кои е и стартната позицција за секој попис - адресниот регистер.

Квотниот принцип

Овојпат вниманието ќе биде насочено кон уште еден податок од пописот - колку од граѓаните на РСМ слободно се изјасниле како Бугари, особено во светло на барањето на Бугарија тие да бидат впишани во македонскиот Устав, рамноправно со другите етнички заедници. Нивното внимание минатиот месец веќе го привлече изјавата на претседателот на ДПА, Мендух Тачи, дека Бугарите ќе бидат трет народ во Северна Македонија, по Македонците и Албанците. Костадин Филипов, бугарски новинар и некогашен дописник од Македонија, во колумна „Државата не квотите“ во весникот „Труд“, не прави никакви прогнози во овој контекст, но се осврнува на последните шпекулации за етничките проценти.

„Напнатоста пред објавувањето на податоците од пописот навистина го достигна својот врв. И секој медиум се обидуваше да открие нешто од графиконите со резултати кои статистичарите внимателно ги криеја. Успеа само ТВ 21. Според неа, неофицијално во Северна Македонија живеат околу 1.800.000 жители, а заедно со пребројаните од дијаспората бројката достигнува до 2.100.000 (...) Но, поинтересно е другото - ако не се бројат оние што живеат во странство, од изброените 1.800.000 граѓаниоколу 63-65% се Македонци, околу 24% се Албанци, а 10-12% ги опфаќаат другите етнички заедници. Но, ако кон резидентните граѓани се додадат и граѓаните од дијаспората, се добиваат следните соодноси, обезбедени од ТВ 21 - Македонците се од 60 до 62%, Албанците се веќе 29,5%, а другите заедници собираат заедно од 8 до 10%. Таму некаде - во останатите заедници се и Бугарите“, пишува Филипов. 

Повеќе: Колку сме, толку сме, (не)токму сме

Тој се осврнува и на различните повици кон дијаспората во однос на пописот.

„Албанскиот фактор беше крајно мобилизиран, повици за мобилизација имаше дури и од клучни политички фигури од Приштина и Тирана. Додека некои од заедниците на иселениците од Република Северна Македонија подлегнаа на повикот на опозицијата во Скопје и го бојкотираа процесот“, потсетува тој.

Во текстот, луцидно ја илустрира и политиката на квотите, поставена врз етничките бројки.

„Впрочем, квотниот принцип, основен во идејата за мултиетничка Северна Македонија, доста често трпел критики заради тоа што неговото стриктно почитување внесува во власта луѓе без тие да се компетентни за функцијата што ја имаат. И кои го прават управувањето неефективно. Оној ден, по грандиозната победа на играчите на оваа земја над Италија, прочитав и едно друго мислење. Генерално гласи вака: тројца од единаесетте во репрезентативниот тим беа Албанци. И беа најдобри и со најголем придонес за победата. Квотата е запазена и таму, но и тројцата се во тимот поради нивните квалитети, а не поради тоа што се Албанци. Така треба да дејствува и власта. Направете го тоа, де!“, пишува Филипов.