1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денови на одлука: Безусловни избори или услови за избори?

Катерина Блажевска20 февруари 2016

Дел од партиските лидери со амбасадорите на САД и ЕУ прават последен обид во договарањето на излезот од сегашниот ќорсокак. Утре ќе биде соопштена оценката на САД и ЕУ дали има услови за фер избори на 24-ти април.

https://p.dw.com/p/1Hz5B
Фотографија: MIA

Дел од лидерите на партиската четворка се во интензивни разговори со амбасадорите - гаранти на Договорот од Пржино, со цел да се најде решение за чекорите што ќе уследат, откако САД И ЕУ ќе ја објават оценката од домашни и странски експери по прашањето дали се исполнети условите да се одржат избори на 24-ти април. Соопштувањето на таа оценка од денеска е презакажано за утре, со објаснување од дипломатски извори дека тоа е направено на барање на партиите.

Но, веројатно не на сите, со оглед дека две партии од четворката, тврдат дека тие не побарале одложување на соопштувањето на оценката.

Како што дознава Дојче веле, веќе неколку дена се вложуваат напори да се најде излез од сегашната компликувана ситуација: од една страна за неколку дена треба да се распуши Собранието заради договорениот датум за избори, а од друга страна, извесно е дека евалуаторите оцениле дека не се исполнети сите непоходни услови кои ќе отфрлат каков било сомнеж во регуларноста на изборниот процес. Со оглед дека какво било еднострано игнорирање или опструирање на обврските од пржинскиот договор (на само во однос на договорените датуми, туку и на завршување на обврските во целина) ќе се смета за откажување од него, се прави последен обид за обезбедување на четирипартитетен консензус во договарањето на излезот од сегашниот ќорсокак.

Mazedonien Besuch der Europaabgeordneten Kukan Vajgl und Howitt
Фотографија: MIA

Одложување за 5 јуни?

Во политички кругови флуктуира информацијата дека се водат разговори со околу можно одложување на изборите за 5 јуни, со претпоставка дека до тој датум може да се спровде прочистувањето на Избирачкиот список и да се обезбедат другите услови. Засега нема официјална потврда на ваквите информации. Разговорите се водат во целосна дискреција и се бараат политички и правни формули како тоа се се изведе, со оглед дека премиерот Груевски веќе ја напушти премиерската позиција согласно со Договорот, а секое одложување на изборите ќе значи дека тој повторно мора да се врати на функцијата, за да замине од неа во законскиот рок од сто дена пред некој евентуално нов датум за избори. Единствено портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, синоќа ги потврди интензивните разговори на неговата партија со дипломатите. ДУИ отанува на ставот дека каков било нов договор мора да биде донесен со консензус од четирите партии.

„Секоја промена бара консензус од сите страни. Тоа значи нови преговори. За да смени датумот, за да се смени законот и за да се смени одлуката за распуштање на Собранието, ќе треба да гласа 61 пратеник. Тоа не може да го смени сама ни ДУИ, ни СДСМ, ниту ДУИ и СДСМ заедно. Значи мора да има консензус“, изјави Османи.

Без фиксирање датум

Од друга страна, во опозицискиот блок очекуваат одложувањето на изборите да не биде фиксирано со нов датум.

„Не би лицитирале со нов датум, туку се залагаме да се оди на избори тогаш кога ќе бидат исполнети условите. Одложувањето на изборите за еден месец ќе претпоставува, условно речено, државно - општествена агонија, а за многумина од нас кои учествуваме во работната група за преговори со ВМРО-ДПМНЕ - и лична агонија, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема да сака да смени ништо. И по еден месец повторно ќе дојдеме во истата позиција. Затоа не треба да лицитираме со датум, посочи портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Дали се прави последен обид за спас на Договорот од Пржино? За што разговара ВМРО-ДПМНЕ со гарантите на Договорот - го прашавме директорот на Центарот за комуникации на владејачката партија, Иво Котевски.

„ВМРО-ДПМНЕ разговара со граѓаните за проекти и идеи. ВМРО-ДПМНЕ од почеток до крај се залагаше за почитување на Договорот, вклучувајќи ја и круната на тој Договор, односно датумот за предвремени избори. Не беше целта на Договорот министри од СДСМ без легитимитет и мандат од граѓаните да влезат во Владата и да ги кочат проектите, спроведувајќи деструктивна агенда со години“, изјави Котевски.

Mazedonien wählt einen neuen Staatspräsidenten
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Неисполнети услови

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ уште во четвртокот порачаа дека не постојат причини да се проблематизира договорениот датум за избори, со оглед дека е дефиниран со закон и изгласан од сите политички партии во Собранието.

Засега нема сигнали дали и под кои услови владејачката артија би прифатила одложување на договорениот датум за избори. Условите кои треба да гарантираат фер-избори а требаше да се исполнат до денес (20 февруари), и беа предочени на Владата од амбасадорите на ЕУ и САД, Џес Бејли и Аиво Орав на 29 јануари. Првиот услов беше до 19 февруари да се извршат првични вкрстени проверки на сите релевантни бази на податоци за да се процени колку би траел процесот на проверки, вклучувајќи ги и теренските. Вториот услов беше - договор за медиумските реформи, а третиот пакет - одвојување на државата од партијата. Досега ниту еден од овие услови не е исполнет.

Неофицијално, оценката на гарантите на Договорот за (не)постигнатите услови за избори на 24-ти април, уште попладнево ќе им биде доставена на партиите.