1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Девојчето со ѓеврекот

Синоличка Трпкова
16 февруари 2018

Ретко се зборува за врската меѓу анксиозноста и пречувствителноста, што често одат рака под рака. Кај младите луѓе чувствата се посилни и понескротливи од разумот, попречувајќи им го патот. Пишува Синоличка Трпкова

https://p.dw.com/p/2snd5
Sinolicka Trpkova
Фотографија: Privat

Стојам на ред во самопослуга, пред каса. Пред мене деца на школски одмор се поттурнуваат. Гласни и раздвижени како мал ураган во тесен простор го исполнуваат секој милимитар околу мене. Излезени на кратка пауза брзаат назад, на час. Забележувам едно девојче коешто никако да фати ред во групата. Стои настрана и се обидува да се приклучи кон децата. Тие не ја забележуваат или барем мене така ми личи. Во едната рака ги стиска парите, во другата ѓеврекот. Децата минуваат крај неа и небрежно ја поттурнуваат. Одеднаш ѓеврекот ѝ паѓа од раце, a паричките заѕвонуваат на плочникот. Децата се смеат и во џагор групно си заминуваат. Тргнувам да помогнам, но се сепнувам, потсетувајќи се на своето детство. Девојчето ги собира пред мене парите, го дига и го поддувнува ѓеврекот, погледнувајќи вцрвенето и збунето околу себе. Се преправам дека ништо не сум видела. На излегување таа фрла уште еден плашлив поглед кон мене, како да сака да се осигура дека не сум ја забележела. И намигнувам и ѝ се насмевнувам, за охрабрување.

Стравот и виртуелниот свет

Нема ден, а да не прочитам или чујам приказна за анксиозност, страв или депресија кај младите. Страв од разговор на телефон, на пример. Самата помисла на размена на глас, дури и преку “жица”, предизвикува несигурност, страв, потење, а понекогаш дури и паника. Други избегнуваат средби и контакти со луѓе, зашто се чувствуваат изгубени во непознато опкружување, и мислат дека сите очи се вперени во нив и сведочат за нивната „мизерија”. Постојано ги тишти несигурност одвнатре и ги одвраќа од сѐ што бара контакт и социјализација. Нивниот спас е личната самоизолација. Деновите и ноќите ги минуваат сами дома, во својот виртуелен свет, каде тие се посматрачите и каде нема очи вперени во нив што ги следат и анализираат. Голем дел од нив носат неоткриено богатство во себе, талент и познавања од многу работи, со потенцијал што притаено чека момент за изблик. Но над нив виси тежок и црн облак, што ги фрла во икушенија дури и да се откажат од сѐ, вклучувајќи го и сопствениот живот. 

Претходни колумни на авторката: 

Глупи капиталисти и снаодливи Балканци

Експозитура или автономија

Анксиозноста и депресијата во изминативе години земаа замав во нашава средина, особено кај младите. Ретко се зборува за врската меѓу анксиозноста и пречувствителноста, што често одат рака под рака. Кај овие млади луѓе чувствата „за жал” се посилни и понескротливи од разумот, попречувајќи им го патот. Но некои истражувања велат дека токму овие млади луѓе се ретките на коишто светот би можел да се потпре, зашто тие покажуваат поголема сензибилност и интуитивност и можат да забележат работи кои многумина од другите не ги гледаат. Нивната чувствителност има длабока врска со емпатијата и страдањето, зашто тие го сочувствуваат, впиваат и преживуваат страдањето на другите како свое. Стравот, претпазливоста и несигурноста кај нив развиваат можност да предвидат и избегнат опасност. Тие мислат и премислуваат и не реагираат импулсивно и не носат краткорочно лесни, а долгорочно – погубни одлуки. Можеби токму зад анксиозните и преплашени лица се кријат пораките како да се соочиме и сочуваме себеси!

Избор меѓу лекови или леб за децата

Анксиозноста и депресијата како блиски „роднини” на пречувствителноста, сепак мора да се препознаваат зашто можат да бидат сериозна закана за менталното здравје. За среќа постојат лекови и терапии за справување со нив. Некои од овие млади луѓе успеваат и сами, со свои сили, да најдат излез во пукнатините на автоматизираниот и студен свет околу нив. Тие неретко избираат професии преку кои можат во исто време да се справат со своите стравови и несигурности, но и да ги споделат сопствените искуствата, и да им помогнат на другите. Умерените форми на несигурност, срам и страв можат да бидат и предности и квалитети што одразуваат висока морална вредност. Оние што ги поседуваат се често луѓе од доверба, и овие нивни особини претставуваат „социјално лепило” за негување доверба и соработка во секојдневниот живот. Многу познати личности од историјата и денешнината – од лидери на земји, преку научници, филозофи, уметници, актери - страдале и страдаат од изразена пречувствителност. Некои од нив барале медицинска помош, а некои од нив со сопствени сили успеале да го пронајдат излезот.

Жртви на „посилните“

Тоа што ме загрижува како родител е неможноста навреме да ги забележиме промените кај децата со вакви предиспозиции. Пред да се свестиме, детето станува жртва на исмејување од "посилните”, "похрабрите” и "подрските” околу себе. Станува тивко, повлечено, несреќно, осамено. Неговиот инстинкт да го види и почувствува она пред кое многумина замижуваат, не само што останува незабележан, туку и се обесхрабрува. На таков начин, тие деца почнуваат да страдаат и лесно стануваат плен на социопатите од опкружувањето. Токму затоа треба да престанеме да ги третираме несигурноста, пречувствителноста и емпатијата како “пореметувања”, туку напротив – како позитивни карактеристики. Зашто можноста длабоко и интензивно да доживуваат и чувствуваат е особина на исклучителните интутивци и мислители, внимателните посматрачи, тивките креативци, визионерите, уметниците, учителите! А што би правел светот без нив?

Натоварена влегов во автомобилот и тргнав кон дома. Пред мене на улица, децата од самопослугата минуваа на место каде што не беше дозволено, итајќи за на училиштето. Девојчето стоеше и чекаше на пешачкиот премин, само. Автомобилите како по обичај не застануваа. Ми се даде шанса да го скршам обичајот. Застанав и ѝ дадов знак со рака да помине. Зад мене свирежи од силните, нервозни и нестрпливи  возачи. Девојчето ме погледна срамежливо. Зачекори отпрвин несигурно на пешачкиот, а потем зеде замав, ја подигна главата и одлучно мина на другата страна. Застана за миг на тротоарот, загриза во ѓеврекот, ми намигна и ми се насмевна, охрабрена!