Девет небесни адреси
Децата секоја година им ги испраќаат во писмо своите желби за Божик на Св. Никола, Детето Исус или Дедо Мраз. А, тие тројца имаат свои земски адреси ширум светот. Дел од нив дури може и да се посетат.
Николаусдорф
Писмата адресирани до Св. Никола со голема веројатност завршуваат во Николаусдорф, во германската покраина Долна Саксонија. Тука светецот има своја канцеларија повеќе од половина век. Заедно со својот тим од локалното основно училиште, тој се занимава со желбите и грижите на децата и пишува дури и индивидуални одговори.
Енгелскирхен
Во германската пошта во минатото постојано се појавуваа писма кои не беа адресирани до Св. Никола, туку до Детето Исус. Со оглед на тоа што Енгелскирхен звучело пригодно, поштата направила поштенски фах со ова име и писмата со таа адреса завршуваат сега таму. Писмата со желби, во просек по 130.000 годишно, доаѓаат од цел свет.
Нирнберг
Во Нирнберг е можна лична средба со Детето Исус. Тоа со свечен пролог традиционално го отвора светски познатиот божиќен панаѓур Christkindlesmarkt. Потоа Детето Исус се среќава секојдневно со деца и посетители на панаѓурот. Секои две години новоизбрано девојче го облекува костумот со златни крила и златни кадрици. Детето Исус (Christkindle) е светски познат амбасадор на Нирнберг.
Штајер, Кристкиндл
Припадник на американската армија дошол на идеја за создавање специјален поштенски фах во квартот Кристкиндл, во австрискиот град Штајер. Тој почнал со работа во 1950 година. Оттогаш тука пристигнуваат милиони писма упатени до Детето Исус. Секој одговор има специјален печат и специјална поштенска марка.
Химелпфорт
Полни раце работа во времето пред Божик има и Дедо Мраз. Тој е сместен под покривот на едно поранешно селско училиште во Химелпфорт, во германската покраина Бранденбург. По желба, тоа место може и да се посети. Дедо Мраз во Химелпфорт зборува над 15 јазици и добива особено многу писма од Кина.
Рованиеми
Работилниците на Дедо Мраз се наоѓаат во Лапонија, Финска. Во селото на Дедо Мраз со него може да се среќавате секојдневно. Овде пристигнатите писма добиваат печат на Поларниот круг, зашто во Рованиеми по само неколку чекори може да се пречекори Северниот поларен круг. Освен тоа, големиот број работилници нудат многу сувенири.
Велики Устјуг
Полни вреќи писма добива и рускиот Дедо Мраз. Во 1999 година за руски дом на Дедо Мраз е свечено прогласено гратчето Велики Устјуг, кое се наоѓа северно од Москва. Забавниот парк овде работи во текот на целата година - со позитивен ефект врз економијата во градот. Оттогаш е забележано намалување на стапката на невработени во целата околина.
Северен пол
Се разбира дека Дедо Мраз има свој дом и во САД, и тоа во гратчето Северен пол во Аљаска. Во ова местенце со 2200 жители Божик е во текот на целата година. Постојано е декорирано, а и имињата на улиците звучат божиќно: Santa Claus Lane, Snowman Lane, St. Nicholas Drive. Овде има дури и член на Градскиот совет кој се има преименувано во Santa Claus. Тој се залага за правата на децата.
Демре
Вистинското потекло на човекот со бела брада кој носи подароци е од Турција. Во денешен Демре живеел Архиепископот Никола од Мир. Тој во четвртиот век им го поделил она што го поседувал на сиромашните. Секоја година илјадници луѓе на 6 декември му оддаваат почит на Свети Никола во Демре.